Во Истанбул беше одадена почит насаудискиот новинар Џамал Кашоги, кој беше убиен во конзулатот на Саудиска Арабија пред една година. Неговата свршеница Хатиџе Ченгиз сè уште бара правда.

– Сакам да знам што се случи со неговото тело. Сакам неговите пријатели да бидат ослободени од затвор. Сакам оние што се на власт да бидат одговорни за своите постапки – рекла Ченгиз.

Сопственикот на „Вашингтон пост“, каде што Кашоги објавуваше колумни, Џеф Безос, ѝ рекол дека никој никогаш не би требало да го преживее тоа што го претрпела таа.

– Токму тука, каде што сте сега, со часови чекоревте, чекоревте и чекавте. А тој никогаш не излезе – ѝ рекол Безос алудирајќи на тоа дека Ченгиз дента кога нејзиниот свршеник бил убиен го чекала да излезе од конзулатот.

Принцот на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман, негираше дека е вмешан во убиството, но експерт на Обединетите нации побара тој да биде истражен. Во извештајот објавен во јуни, експертот го опиша убиството како „вонсудско убиство со предумисла“.

Мохамед бин Салман во неделата тврдеше дека тој лично не наредил Кашоги да биде убиен, но рече дека презема целосна одговорност како саудиски лидер.

Откако неколку недели по убиството негираше дека Кашоги бил убиен во конзулатот, Саудиска Арабија обвини 11 лица за убиството, вклучително и членови на придружбата на принцот Мохамед бин Салман.