Американската Црква на Исус Христос на светците од последните денови, попозната како мормонска црква, го бранеше начинот на кој ги користи и инвестира донациите од нејзините членови, откако нејзин поранешен вработен поднесе пријава до даночната служба на САД за наводно создавање на инвестициско портфолио од 100 милијарди долари од страна на верската установа, со парите кои требале да одат во добротворни цели, пренесуваат американските медиуми.

Поголемиот дел од донациите на членовите на мормонската црква се користат за финансирање на работењето на црквата, храмовите, мисиите, образованието и хуманитарните потреби, додека друг дел „методично се чува преку мудар финансиски менаџмент за градење на обилна резерва за иднината“, истакна гласноговорникот на црквата Ерик Хокинс преку соопштение до јавноста.

Тој кажа дека верската установа со седиште во американската сојузна држава Јута, која има 16 милиони следбеници ширум светот, функционира во согласност со сите закони за донации, инвестиции, даноци и резерви, и располага со парите врз основа на „разумни финансиски принципи учени од спасителот“.

Во пријавата до даночната слуба поднесена од поранешен менаџер за инвестирање на црквата се тврди дека мормонската црква ги измамила членовите и можеби прекршила федерални даночни закони за религиските организации преку користење на гранка за инвестирање за да става настрана околу една милијарда долари годишно од седумте милијарди кои ги добива секоја година преку донациите од следбениците, според пишувањето на „Вашингтон пост“.

Извесниот Дејвид Нилсен кој ја поднел пријавата на 21 ноември тврди дека црквата должи милијарди долари во даноци и бара дел од тие пари како наградата што даночната служба ја нуди за „свиркачите“. Нилсен навел дека парите се собираат за „второто доаѓање на Исус Христос“.

Обвинувањата за кои уште нема официјални информации од надлежните институции привлече внимание кон финансиите на црквата и кон верските лидери кои ги поттикнуваат шпекулациите преку одбивањето да учествуваат во јавните дискусии. Следбениците се охрабрувани да донираат 10 отсто од нивните приходи. Во книга за историјата на црквата објавена лани, се проценува дека таа инкасирала 33 милијарди долари од донации и уште 15 милијарди долари од разни бизниси во 2010 година. Црквата минатата година објави дека преку хуманитарната работа дала помош во вредност од 2,2 милијарди долари на 197 држави, од 1985 година.