Американскиот свештеник Ендру Брансон (50) беше посветен на неговата богослужба во турскиот град Измир цели 23 години, ги учеше своите деца да нуркаат и организираше излети, гордеејќи се со посветеноста на религијата, за сега да се најде во средиштето на меѓународната дипломатска и економска криза помеѓу Турција и САД, пренесува британски „Гардијан“.

Кризата доведе до падот на вредноста на турската лира, како и до обвинувањата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган кон САД за „бодење на нож во грбот на неговата држава“.

Апсењето на Брансон во октомври 2016 година и подоцнежните обвинувања за шпионажа и наводната поврзаност со терористички организации придонесоа тој да биде сметан за маченик од христијанските активисти во САД кои имаат влијание и во Белата куќа. Американскиот претседател Доналд Трамп го оквалификува Брансон како „господин и христијански лидер“ кој е гонет од Турција без причина. Потпретседателот Мајк Пенс порача дека Турција треба да го ослободи Брансон или „да се соочи со последиците“, додека државниот секретар Мајк Помпео упати предупредување до Турција за „значајни санкции“. Заканите беа остварени неодамна кога САД ги удвоија тарифите за челик и алуминиум, предизвикувајќи засилување на економската криза.

Брансон го помина детството во сојузната држава Северна Каролина каде што беше едно од седумте деца во длабоко религиозно семејство. Тој се пресели во Турција во 90-те години на минатиот век заедно со неговата сопруга Норин и трите деца, каде што вршеше богослужба во една од тамошните цркви.

Но, свештеникот беше обвинет за заговор за рушење на турската влада, односно за поврзаност со движењето на Фетхулах Ѓулен во државниот удар во Турција во 2016 година, соочувајќи се со затворска казна од 35 години.

Христијанските активисти во САД тврдеа дека обвинувањата против Брансон се неосновани, односно дека тој е притворен поради неговата верба. Американскиот центар за закон и правда лобираше во најзначајните институции во САД за случајот на Брансон. Беше покрената и петиција за поддршка на Американецот која собра безмалку 600 илјади потписи. Трамп, пак, неколку пати го коментираше случајот преку Твитер.

– Пасторот Ендру, џентлменот и христијански лидер во САД, е суден и гонет во Турција без никаква причина. Тие го нарекуваат шпион, но јас сум шпион повеќе одошто е тој. Се надевам дека ќе му биде дозволено да се врати дома на неговото прекрасно семејство, каде што и припаѓа. Тој е заложник предолго. Тој премногу страда. Невиниот човек на верата треба да биде пуштен веднаш – напиша американскиот претседател на Твитер. 

Брансон беше пуштен во домашен притвор минатиот месец поради здравствени проблеми, откако загуби повеќе од 20 килограми во затвор.

– Апостолите на Христос страдаа во негово име, а сега е редот на мене. Јас сум невин за сите овие обвинувања. Ги отфрлам. Знам зошто сум тука. За да страдам во името на Исус – порача Брансон пред судот.