Како да се разработи брз и ефикасен систем на реакција?

Појавата на новиот тип коронавирус во Кина, а потоа и во другите земји, повторно го разбуди исконскиот страв на човекот од смртоносна зараза. Со оглед на недостигот од информации и недостигот од доверба во изворите, на интернет-форумите се појавија неколку теории што го објаснуваат избивањето на најновата епидемија

Помислата на опасноста од некоја смртоносна зараза ги буди најдлабоките стравови кај човекот. Средновековните епидемии на чума сѐ уште одѕвонуваат во нашата потсвест. Не ја забораваме ниту светската епидемија на грипот наречен шпанска треска, која набргу по Првата светска војна предизвика смрт на околу 90 милиони луѓе – многу поголема загуба на животи отколку во Првата и Втората светска војна заедно.
За неодамнешните закани од пандемија или епидемија на птичјиот или свинскиот грип, по првичната паника, за малку да ја смириме совеста, „прифативме“ дека стануваше збор за маркетиншки потег на фармацевтските компании и лобија за „продажба на вакцини“.
Појавата на новиот тип коронавирус во Кина, а потоа и во другите земји, повторно го буди архетипскиот страв од смртоносна зараза. Со оглед на недостигот од информации и недостигот од доверба во изворите, на интернет-форумите се појавија неколку теории што го објаснуваат избивањето на најновата епидемија.

Прва теорија

Според ова обопштување и развивање на теоријата, вирусот ја прескокнал бариерата меѓу видовите и станал опасен за луѓето затоа што Кинезите го јадат она што не се јаде: змии, лилјаци, глувци и слично. Особено им се забележува дека ги јадат и оние што ги сметаме за членови на нашите семејства: кученца и маченца. Затоа некои ја гледаат појавата на смртоносниот вирус како некој вид колективна казна. Не е доволно познато како на нивните прехранбени навики се одразил тригодишниот голем кинески глад, кој почна во 1959 г., кога од глад умреа неколку десетини милиони Кинези, а за кој, на крајот, Мао ги обвини врапчињата.

Втора теорија

Според втора верзија на теоријата за појавата на коронавирусот, тој бил создаден во тајните воени лаборатории каде што е претворен во забрането биолошко оружје, од каде што, случајно или намерно, го нашол својот пат до надворешниот свет.
Оние што ја застапуваат оваа теорија поаѓаат од самата природа на коронавирусот што го чини идеален за биолошко војување: високо ниво на смртност; се пренесува постепено; инфицираното лице е заразно за другите уште додека и самото не ги развило симптомите на болеста, значи во периодот на инкубација, кој е релативно долг и трае од два до 14 дена.
Вториот аргумент во поткрепа на втората теорија за настанокот на вирусот е градбата на РНК (рибонуклеинската киселина) на вирусот во која наоѓаат „мистериозен среден сегмент“, кој никогаш порано не е виден во овој тип вирус, така што претпоставуваат дека е резултат на „генетски инженеринг“. Овој сегмент е одговорен за создавање протеин, кој на вирусот му помага да го совлада отпорот на ќелиите на домаќинот.
Третиот аргумент во поткрепа на вторава теорија за настанокот на вирусот е „сомнителната близина на Институтот за вирологија Вухан“, кој е на само 20 километри оддалечен од рибниот пазар Хуанан, кој се спомнува како појдовна точка за ширење на вирусот.
Во една подваријанта на оваа теорија, вирусот е украден од Запад. Познато е дека веќе неколку години ФБИ ги проверува врските на научниците од кинеско потекло со нивната татковина, сомневајќи се дека ја пренесуваат американската технологија во Кина. Некои со тоа го поврзуваат скандалот од јуни минатата година кога од единствената канадска лабораторија од тој тип, Националната микробиолошка лабораторија од Винипег, беше протерана една Кинезинка, заедно со сопругот и група нејзини кинески студенти.

Трета теорија

Третата теорија го сфаќа настанувањето на епидемијата како потег во економската војна. Голема епидемија, покрај губењето на работната сила, би нанела голема штета на кинеската економија, како поради престанокот на производството и трговијата, така и поради трошоците за санирање на епидемијата. Колку се големи негативните последици по економијата укажува тоа што на 3 февруари кинеската централна банка уфрли 174 милијарди долари во банките за да ги амортизира последиците од епидемијата.

Четврта теорија

Според четвртата теорија, коронавирусот е внесен во Кина, една од земјите со најмногу население, за да се намали пренаселеноста на планетата. Густо населените предели се одбрани токму заради тоа што таму најефикасно се шират инфекции, така што е загарантиран голем број заразени. Станува збор за познатата приказна настаната во седумдесеттите години на минатиот век, според која планетата почнала да трпи голем притисок поради пренаселеноста, така што „владетелите од сенка“ и елитите развиле програми за да ја сведат глобалната популација на „златната милијарда“. Да биде изненадувањето уште поголемо, името што на форумите најмногу се спомнува во врска со ова е Бил Гејтс.
Точно или не, имагинации или основани индикатори, погледи или сфаќања во врска со презентираните теории за коронавирусот, можеби и не е толку важно во моментов. Многу е поважно да се разработи брз и ефикасен систем на реакција, да се пронајде вакцина или лек со кој ќе се спасат многу човечки животи. Теориите за настанок на коронавирусот да им ги оставиме на оние што сакаат да се занимаваат со тоа, а оние што се вистински надлежни и вистински да го лоцираат потеклото и генезата на смртоносниот вирус и паралелно да изградат превентивни мерки во иднина ова да не ни се случува.