Гласините за влошената здравствена состојба на Ким Јонг-ун ги наведоа САД и Кина да пристапат кон правење на планови во случај на смрт на севернокорејскиот лидер, според светските медиуми. САД и Јужна Кореја прават планови за справување со потенцијалната вонредна состојба доколку Ким почине, а од друга страна, Кина е загрижена поради гласините за влошеното здравје на Јонг-ун, главно поради хаосот кој ќе додаде масло на огнот и ќе ја дестабилизира и онака лошата состојба во регионот, пренесува „Њузвик“. 

Смртта на Ким би можела да предизвика масовна хуманитарна криза, пренесе Фокс њуз повикувајќи се на неименуван извор од американската влада. Планот на САД, наводно, главно се фокусира на Кина и нејзината подготвеност да задржат илјадници бегалци во случај на смртта на диктаторот.

Засега, нема никакви новости во врска со здравјето и состојбата на Ким. Според малиот број достапни информации, тој наводно, се опоравува од кардиоваскуларен зафат направен на 12 април. Но, неколкудневната тишина на Северна Кореја ги загрижува светските сили. 

– Нема никакви необични знаци во Северна Кореја. Ние ги следиме нивните медиуми, а исто така забележавме и размена на писма со други држави – велат од Министерството за обединување на Јужна Кореја.

Според досегашните информации на САД, севернокорејскиот лидер сѐ уште има целосна контрола на вооружените сили на земјата, вклучувајќи го и нејзиниот нуклеарен персонал. Советникот за национална безбедност, Роберт О’Брајан, изјави дека внимателно ги следат сите извештаи за Пјонгјанг и будно ја набљудуваат ситуацијата. 

Единствениот познат податок е дека Ким не присуствуваше на најважниот празник на нацијата, Денот на сонцето, на кој на 15 април се одбележува роденденот на основачот на земјата и нејзин вечен претседател, Ким Ил-сунг. Јонг-ун секоја година се појавува за овој празник од неговото доаѓање на власт во 2012 година.

Пјонгјанг официјално не даде одговор за ситуацијата, а државните медиуми можат наскоро да откријат што навистина правел Ким периодов.

– Новонастанатата ситуација е непожелна за планот на светското влијание на Кина и нејзиниот претседател Си Џинпинг. Дополнителна дестабилизација во регионот не би била пожелна во период кога Кина се справува со хаосот предизвикан од пандемијата ковид-19. Друга причина е и тригодишната економска битка со САД, а веќе има гласини дека Кина се очекува да плати за дел од предизвиканите светски економски загуби предизвикани од пандемијата – се наведува во анализата на „Њузвик“.

САД будно го следат ширењето на кинеското влијание, кое продира во Африка, Јужна Америка, Европа, па дури и на Арктикот. Тоталитарниот режим на Кина е исто така под големи критики поради извршените културолошки геноциди и ставање во затвор илјадници Ујгури и други малцинства во областа Ксинџијанг. Во Хонгконг, пак, се разгореа протести против законот за екстрадиција, а судири со полицијата имаше и за време на пандемијата. 

Смртта на Ким би придонела кон хаосот во регионот, што САД и Јужна Кореја можат да го искористат. Граѓанска војна или државен колапс би значеле милиони бегалци кои ќе бараат прибежиште во Кина и Јужна Кореја. 

– Кинеската комунистичка партија не е голем обожавател на Ким. Но, тие попрво би го толерирале диктаторот кој го знаат, отколку да видат борба за доаѓање до моќ или разграбање и продажба на нуклеарното оружје доколку сѐ излезе од контрола при смртта на Ким – вели Хари Казианис, виш дирекот за корејски студии во Центарот за национален интерес. 

Казианис смета дека Си Џинпинг и неговите водечки службеници веројатно се обидуваат да стапат во контакт со Ким и со неговата сестра, со цел да дознаат каква е неговата вистинска здравствена состојба.

Во случај на смртта на диктаторот има неколку теории. Периодов, неговата сестра Ким Јо-јонг се издигна на политичката сцена, но познавачите на состојбата претпоставуваат дека нејзиниот пол ќе ја поткопа надежта да застане на чело на власта. Друга опција е на власт на биде поставен привремен лидер додека едно од трите деца на Ким не е доволно возрасно за да ја преземе одговорноста. 

– Факт е дека малкумина надвор од најтесниот круг на Ким знаат за неговата здравствена состојба и каков би бил планот за сукцесија доколку тој умре – вели Казианис.