Лидерите на 24 држави и Светската здравствена организација (СЗО) потпишаа заедничко отворено писмо, во кое истакнаа дека на светот му е потребно глобално решение за надминување на пандемијата на ковид-19 и нејзините последици, токму како што беше потребно и за време на Втората светска војна, пренесува агенцијата „Анадолија“ (АА).Писмото беше објавено во голем број медиуми, вклучувајќи го и весникот „Телеграф“, а е напишано во пресрет на пораката на министрите за здравство на земјите Г7, кои наведоа дека пандемијата е болен потсетник дека никој во светот не може да биде сигурен додека безбедноста не биде загарантирана за сите. Како што јавуваат западните медиуми, меѓу лидерите на 24 земји што го потпишаа писмото се и британскиот премиер Борис Џонсон, францускиот премиер Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел, а го потпиша и генералниот директор на СЗО, Тедрос Гебрејсус. Потписниците ја повикуваат меѓународната заедница на итно ставање крај на изолационизмот и национализмот и за пропагирање нова ера на солидарност и глобална соработка. Челниците на 24 држави и СЗО исто така порачаа дека сите земји мора да ја искористат можноста да се соберат како глобална заедница за мирна соработка со која ќе се надмине оваа криза.