Светската банка одобри на Бангладеш 165 милиони долари како помош за Рохинџите, бегалци од Мјанмар.

Во соопштението од Светска банка се наведува дека помошта е со исклучива намена за помош на муслиманските бегалци, кои беа жртви на прогон во Мјанмар. Помошта е одобрена за изградба на водоводни мрежи, патишта, мостови, канализациски систем и осветлување во бангладешките региони, каде Рохинџите се тројно побројни од локалното население.

Обединетите нации ги опишаа муслиманските бегалци Рохинџи од Мјанмар како најзагрозени во светот, бидејќи се соочуваат со сè поголем прогон.

Повеќе од 700 илјади припадници на Рохинџите пребегнаа од Мјанмар во Бангладеш од август 2017 година, кога група екстремисти ги нападна безбедносните сили, по што следуваше голема одмазничка акција на мјанмарската војска. Мнозинството од населението на претежно будистичкиот Мјанмар не ги прифаќа Рохинџите муслимани како автохтона етничка група, туку ги сметаат за илегални бегалци од Бангладеш. Иако Рохинџите со генерации живеат во Мјанмар, од 1982 година не можат да добијат државјанство на таа земја, а оневозможен им е пристап и до образование и лекување.

Генералното собрание на ОН во декември усвои Резолуција со која се осудуваат грубите кршења на човековите права и злоупотребата на Рохинџите во Мјанмар. Владата на Мјанмар ја отфрли Резолуцијата како пристрасна и негира дека е вршен геноцид и етничко чистење.

Од друга страна, Бангладеш пред две недели му порача на Советот за безбедност на ОН дека повеќе не може да прифаќа бегалци од Мјанмар. Бангладешкиот секретар за надворешни работи Шахидул Хак го обвини Мјанмар за „празни ветувања и разни опструкции“ за време на преговорите за враќањето на Рохинџите во мјанмарската држава Ракин.