Претседателот на Светската банка, Дејвид Малпас, ги повика земјите од Г20 да разговараат за намалување на долговите на најсиромашните земји за да се минимизираат економските влијанија на пандемијата на коронавирусот. Тој ја предложи таа иницијатива за време на видеоконференција со министрите за финансии и гувернерите на централните банки, која се одржа минатата недела. Според Малпас, пандемијата довела до „најголема глобална рецесија во последните децении“, влијаејќи особено на новите економии.
– Ги повикувам Г20 да го отворат патот за консултации, како и за ефективни начини за намалување на сегашната нето-вредност и на официјалниот билатерален и на трговскиот долг за најсиромашните земји. Времето истекува. Треба да преземеме итни мерки за прекин на исплатата на долговите, да ги намалиме долговите, да најдеме механизми за нивно намирување и да бидеме транспарентни – изјави Малпас.