Од Европа до Иран и Северна Кореја, светот повеќе не можете да го разберете, освен ако не ги тргнете настрана вашите илузии

Една од ирониите на современото американско размислување за надворешната политика е чудниот статус на реализмот. Од една страна, реалистичката теорија претставува главен елемент на школското учење за меѓународните односи (заедно со многу други пристапи), а владините претставници честопати тврдат дека нивните чекори се базираат на некаков „реалистички“ пристап. Но во Вашингтон претежно не владее реализмот и има само неколку вистински реалисти на влијателни позиции. Покрај тоа, реалистичката перспектива речиси целосно отсуствува од командните врвови на американските експерти. Оваа статија и доследните остроумни дела на Пол Пилар или Џејкоб Хајлбран не се доволни за отсуството на реализмот во „Њујорк тајмс“, „Вашингтон пост“ или „Волстрит џурнал“.
Наместо да се потпираат на реализмот, републиканците и демократите ја гледаат надворешната политика низ призмата на либералниот идеализам. Наместо да ја гледаат светската политика како арена каде што безбедноста е ретка и големите сили се принудени да се натпреваруваат, сакале или не, американските експерти за надворешна политика веднаш го делат светот на доблесни сојузници (обично демократиите) и на злобни непријатели (секогаш е некаква диктатура) и претпоставуваат дека кога нештата ќе тргнат на лошо, тогаш тоа е поради тоа што некој лош странски лидер (Садам Хусеин, Али Хаменеи, Владимир Путин, Моамер Гадафи, итн.) е алчен, агресивен или нерационален. Кога пријателските држави се противат на нешто што (доблесните) САД го прават, американските лидери претпоставуваат дека критичарите едноставно не ги разбираат нивните благородни цели или се љубоморни на успехот на Америка.
Ќе признаам дека претседателството на Доналд Трамп претставува конкретен предизвик за реалистите. Не е лесно да се усогласи некохерентниот и некомпетентниот пристап на Доналд Трамп кон надворешните односи со идејата дека државите ги водат националните интереси на еден помалку или повеќе рационален или стратегиски начин. Трамп досега покажа многу лица, решителен, суетен, нечесен, импулсивен, нарцисоиден, неук, итн., но „рационална“ и „стратегиска“ не се зборови со кои може да се опише неговата надворешна политика. Реализмот исто така ги нагласува надворешните фактори, како што се рамнотежата на моќта и географијата и ја намалува улогата на поединечните лидери. Но претседателството на Трамп е елоквентен и загрижувачки потсетник на штетата што поединечни лидери можат да ја направат и особено кога се убедени дека „тие се единствените најважни“.

Сепак, единствената неспособност на Трамп не е доволна причина за целосно да се отфрли реализмот. Како прво, реализмот сè уште ни помага да разбереме како Трамп може да се извлече со целото ова лудило: САД сè уште се толку моќни и сигурни што можат да направат многу глупави чекори и да претрпат минимални загуби. Уште поважно, реализмот останува да биде исклучително важен водич за многу нешта што се случија во скорашното минато или што се случуваат денес. Додека Трамп се докажува себеси секоја недела, лидерите што ги игнорираат овие согледувања неизбежно прават многу глупави грешки.
Накратко, сè уште е навистина корисно да се размислува како реалисти и ќе ви објаснам зошто.
Реализмот има долга историја и многу варијанти, но неговата суштина се потпира на едноставен збир на идеи. Како што самиот збор покажува, реализмот се труди да ја објасни светската политика каква што е навистина наместо да опише како треба да биде. За реалистите, моќта е клучна за политичкиот живот. Иако други фактори понекогаш играат улога, клучот за да се разбере политиката лежи во фокусот на тоа кој ја има моќта и како таа се користи. Познатото предупредување на Атињаните за Мелијанците ова го доловува совршено: „Силните прават што можат, а слабите страдаат затоа што мораат“. Дури ни Квентин Тарантино не можеше подобро да го срочи.
За реалистите, државите се клучни актери во меѓународниот систем. Не постои централен орган што ќе ги штити државите една од друга, па така секоја држава мора да се потпира на сопствените ресурси и стратегии за да опстои. Безбедноста е вечен проблем, дури и за моќните држави, а државите обично се грижат за тоа кој е послаб, а кој посилен и какви трендови на моќ се појавуваат. Соработката е далеку од невозможна во таков свет, всушност понекогаш соработката со другите е неопходна за опстанок, но секогаш е малку кревка. Реалистите тврдат дека државите ќе реагираат на закани прво со тоа што ќе се потрудат да ја префрлат вината на некој друг (некој друг да се справи со новата опасност) и ако тоа не успее, да се обидат да ја држат рамнотежата против заканата или со тоа што ќе бараат сојузници или со тоа што ќе ги подобрат сопствените капацитети.

Реализмот не е единствениот начин на размислување за меѓународните односи и постојат голем број алтернативни перспективи и теории што можат да ни помогнат да ги разбереме различните аспекти на модерниот свет. Но ако размислувате како реалист, барем делумно, тогаш полесно се разбираат многу конфузни аспекти од светската политика.
Ако размислувате како реалист, на пример, ќе разберете зошто подемот на Кина е важен настан и најверојатно ќе биде извор на конфликт со САД (и другите). Во свет каде што државите мора самите да се штитат, двете најмоќни држави внимателно ќе се следат и ќе се натпреваруваат за едната да не заостанува зад другата или да станат опасно ранливи за другите. Дури и да се избегне војната, најверојатно ќе настане интензивна безбедносна конкуренција.
Патем, ако размислувате како реалист, ќе разберете зошто Кина не ја следи политиката на Денг Сјаопинг за „мирен подем“. Тој пристап имаше смисла кога Кина беше послаба и натера многумина од Западот да поверуваат дека Кина може да биде одговорна засегната страна што понизно ќе ги прифати разните институции и договори создадени од другите уште кога Кина беше слаба. Но реалистите знаат дека една помоќна Кина на крајот на краиштата ќе сака да ги промени сите карактеристики што не беа во нејзин интерес, како што Пекинг почна да прави во изминатите неколку години. Во крајна линија, ако размислувате како реалист е од суштинско значење ако сакате да ги сфатите кинеско-американските односи.

Авторот е професор по меѓународни односи на универзитетот „Харвард“