Политичкото милје на меѓудржавни релации во светот бележи нов тренд. Трговскиот судир меѓу Западот и Истокот со уцени, блокади и санкции, кој е актуелен периодов, кога државите живеат со опасностите од пандемијата, според експертите, може да предизвика нова економска криза од глобални размери

Политички и економски санкции, ембарго на меѓународни блокови кон одредени држави, заплена на личен имот, но и забрани за патувања, се актуелниот тренд на политики што се практикуваат во светската политика во моменти кога најголем глобален предизвик е справувањето со коронавирусот. Имено, во период од само неколку месеци, повеќе држави низ светот почнаа економијата да ја користат како оружје. Заострување на идејата за економско уценување деновиве е најактуелно меѓу ЕУ и Кина. Како што пренесуваат повеќе западни медиуми, министрите за надворешни работи на Европската Унија (ЕУ), заедно со неколку западни земји, неделава одобрија санкции против официјални лица во Кина, но и Русија, како и Мјанмар, за прекршување на човековите права. Ваквиот чекор на Брисел кон Пекинг доаѓа првпат по повеќе од 30 години, што, според познавачите на состојбите, навестува ново глобално економско влошување на состојбата, кое по пандемијата може сериозно да ѝ наштети на светската економија.

„Заострување на идејата за уцена“

Токму во тој контекст се реакциите и од друга страна на официјалните лица од Москва и Пекинг, во кои посочуваат дека тие „силно ќе реагираат“ со економски контрамерки. Светските медиуми веќе пишуваат дека овие источни „гиганти“ како одговор на западните санкции кон нив планираат да го отфрлат во целост доларот како платежно средство во нивните економии, но и да забранат тргување на некои од западните компании во нивните држави. Овој чекор, според експертите, дополнително ќе ја разниша и така кревката светска економија, која во моментов е нарушена поради коронавирусот. Последните западни санкции кон источните држави беа и причината поради која неделава се одржа состанокот на министрите за надворешни работи на Кина и Русија во Пекинг. Министрите за надворешни работи на Кина и на Русија, Ванг Ји и Сергеј Лавров, се состанаа за да покажат единство и повикаа на одржување итен самит на постојаните членки на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН).
Кинескиот и рускиот министер за надворешни работи ги отфрлија критиките на Западот, при што Лавров во таа пригода рече дека Русија и Кина гледаат дека САД се обидуваат да се потпрат на воените и политичките сојузници од ерата на Студената војна во обид да го уништат меѓународниот правен поредок.
Во заедничката изјава, Лавров и Ванг остро реагираа на најновите економски санкции на Западот кон нив, при што таквиот чекор го нарекоа странско мешање во нивните внатрешни работи.
– Неопходно е да се почитуваат легитимните права на суверените држави за самостојно да се утврди нивниот развоен пат – истакна Лавров по заедничката прес-конференција.
Тој додаде дека кога ЕУ и Западот ќе решат дека треба да ја елиминираат аномалијата со санкции во односите со Русија, тогаш Москва ќе биде подготвена да ги гради односите врз основа на еднаквоста.

Од трговска до валутна војна

Во меѓувреме, САД ги проширија рестрикциите спрема руските експерти што беа воведени неодамна како казна за труењето на опозицискиот лидер Алексеј Навални. Американското министерство за трговија соопшти дека новите мерки, кои стапуваат во сила наскоро, ќе спречат продавање на Русија на повеќе предмети, кои се контролирани заради националната безбедност. Таквите ставки ќе вклучуваат технологија, софтвер и делови. Во исто време, германскиот експерт Томас Штраубхар посочува дека трговскиот судир што во моментов се води меѓу Вашингтон и ЕУ, од една страна, против Пекинг и Москва, од друга страна, не е само за војна во трговијата, туку за нешто многу пофундаментално.
– Заборавете на терминот „трговска војна“. Не се работи тука за електронски уреди или зрна од соја. Американските тарифи на увозот од Кина и одмаздничките кинески царини за земјоделските производи од САД се симболични акти, добри за привлекување медиумско внимание, а лоши за погоденото население. Но актуелниот трговски конфликт преку санкциите е само најистакнуваниот знак од многу поголемата битка во епохалната трка за моќ, доминација и превласт во 21 век. Сведоци сме на судир на два геополитички гиганти, судир меѓу „Америка на прво место“ и „Мејд ин Чајна“ – оценува германскиот експерт Штраубхар.


Пред 2011 година, само три држави располагаа со беспилотни летала (дронови), и тоа САД, Велика Британија и Израел. Сега Кина брзо станува главен извозник на дронови во светот, со тоа што токму борбените беспилотни летала заземаат главно место во продажбата на оружје на авторитарните режими. САД користеа дронови против Ал каеда, Исламската држава, Ал шабаб, талибанците и во Иран. Турција употреби борбени дронови против Работничката партија на Курдистан, Нигерија против Боко харам и Азербејџан против ерменските тенкови и артилеријата во конфликтот во Нагорно Карабах. Истражувањето на Меѓународниот институт за истражување на мирот во Стокхолм (СИПРИ) откри дека 16 држави набавиле вооружени дронови од Кина меѓу 2010 и 2020 година. Саудиска Арабија е прва на листата со 55 дрона, и тоа најмногу од моделите „цх-4с“ и „винг лунг“. Веднаш зад неа е ОАЕ со 40 дрона. Двете главни предности на популарноста на кинеските дронови се пониската цена за разлика од другите производители од САД и од Израел, како и тоа што Кина не ја следи нивната употреба.