Пилирани воздивнува додека неговото семејство разговара со хуманитарните работници. Дванаесетгодишното момче не се смее на шегите на возрасните, кои барем за кратко го оттргнуваат вниманието од реалноста за тоа колку многу се променија нивните животи во изминатите неколку денови, пишува американскиот магазин „Њузвик“.

Пилирани е едно од над 400-те илјади деца кои настрадаа во скорашните поплави во Малави. На почетокот на март, циклонот „Идаи“, кој потоа беше опишан како „најсмртоносниот тропски циклон во светот во 2019 година“, предизвика лизгање на земјиштето во Мозамбик. По неколку дена ги зафати и соседните држави и предизвика силни поплави, како во Малави, така и во Мозамбик.

Првичните предупредувања, меѓу кои и оние на радио-станиците, не беа доволни за да се заштитат заедниците. Во Малави загинаа најмалку 56 лица, а се стравува дека може да се зголеми бројот на жртви во наредните неколку дена. Генерално повеќе од 822.000 лица настрадаа во државата. Цели села беа збришани. Инфраструктурата не функционира што го отежнува испраќањето помош. Училиштата се уништени, па така луѓето мораа да се засолнат на покривите и на дрвјата додека чекаа некој да ги спаси.
Во селото Матопе, 4.000 куќи, воедно и онаа на Пилирани, беа уништени, така што без покрив на главата останаа над 12.000 луѓе. Ова не е првпат да се случи поплава во Матопе, како и во други области во државата, кои и претходно биле погодени од ваква природна катастрофа, но не во вакви размери. Луѓето сега се во шок. Илјадници побегнаа на побезбедни локации, а децата се зачудени и постојано прашуваат зошто не се дома и зошто не можат да одат на училиште.

Веднаш до куќата на Пилирани се наоѓа голо земјиште. Порано тука имало семејна куќа, но сега стојат само урнатини како потсетник. За среќа, семејството е на сигурно, но изгубиле сè што имале.

Човек може само да замисли како е да си во кожата на мајката на Пилирани и на другите родители кои побарале прибежиште во кампот за раселени. Повеќето од нив се со мали деца, што е уште потешко за нив.

Секој ден овие родители се борат да стават храна на масата, а немаат ниту чиста вода да им дадат на своите деца. Ноќе немаат кревети за нивните деца да можат да спијат мирно. Околностите се лоши и разочарувачки.

Во овој период од годината, земјоделците како мајката на Пилирани обично се надеваат на добра жетва. Во ова годишно време секој ден има храна и не се гладува. За жал сега состојбата е поинаква, затоа што беа уништени малкуте посеви што ги имаа и ова значи дека наскоро ќе се соочат со глад.

Во изминатите неколку недели, стотици луѓе починаа, а над 1,7 милиони лица настрадаа во катастрофата на југот на Африка. Циклонот кој предизвика поплави и силни дождови влијаеше врз многу животи и се очекува да прерасне во тешка хуманитарна криза.

Во Малави, вработените од добротворната организација „Ворлд вижн“ ги посетуваат сите краишта на земјата, стапуваат во контакт со децата за да ги слушнат нивните приказни и да им помогнат. Досега помош и заштита добиле 90.000 лица меѓу кои и деца.

Од организацијата прават сè што е во нивна моќ да обезбедат најнеопходна помош, но потребна е асистенција на меѓународната заедница за да се опфатат сите настрадани во катастрофата.

На децата како Пилирани итно им треба храна, чиста вода, засолниште и доволно поддршка за да можат повторно да застанат на нозе. Потребна е дополнителна помош, затоа што во спротивно никогаш нема да се реши ваквата криза. Затоа, потребно е да се вклучи останатиот дел од светот, затоа што тој им е потребен на овие луѓе.

Подготвила: Билјана Здравковска