Можната вакцина против коронавирусот што ја развива универзитетот „Оксфорд“се покажа успешно во создавањето силен одговор на имунолошкиот систем во тестирањата, кои опфатија 1.077 лица. Научното списание „Лансет“ објави значителни ветувачки резултати од првата и втората фаза во испитувањата, што ги зголеми надежите за безбедна, ефикасна и достапна вакцина што ќе може да помогне во спречувањето на епидемијата. Тестирањето покажа дека Т-лимфоцитите реагирале по 14 дена од вакцинацијата, а антителата реагирале во рок од 28 дена.

Податоците покажуваат дека повеќето кандидати се во претклиничка фаза на тестирање, каде што вакцината им се дава на животни за да се види дали ќе го активира имунолошкиот систем. Деветнаесет вакцини се во првата фаза од тестирањето, каде што им се даваат на мала група луѓе за да се одреди дали се безбедни. Единаесет се во втората фаза, каде што вакцината им се дава на стотици луѓе за да се оцени понатамошната безбедност, како и дозирањето.

Третата фаза е последна, во која веќе има три можни вакцини, а во неа се опфатени илјадници луѓе што ја добиле за да се елиминираат секакви можни несакани стравови, особено во однос на несаканите ефекти. Вакцината на универзитетот „Оксфорд“ не покажа никакви опасни несакани ефекти, но 70 отсто од учесниците во тестирањето забележале главоболки или треска што може да се третира со „парацетамол“.