Со добронамерниот договор, усвоен пред една година, се прави обид бегалците да се прикажат како економска корист за земјите што ги примаат. Но со нагласувањето на премисата дека бегалците треба да бидат прифатени поради нивниот потенцијал за самоодржливост, наместо поради почитувањето на меѓународните норми и права на бегалците, глобалниот договор може всушност само да ја отежне нивната борба, оценува „Атлантик“

Генералното собрание на Обединетите нации пред една година формално го поддржа Глобалниот договор за бегалци, кој требаше да им помогне на луѓето што се протерани од нивните домови да најдат засолниште на друго место. Можноста да се избегнат заканите од насилство и прогон е признаена како фундаментално човеково право, а некои држави ја почитуваат својата обврска да понудат засолниште. Други земји, пак, ги одбиваат бегалците, сметајќи ги за економски товар или безбедносна закана. Но 12 месеци по усвојувањето на доброволниот договор, потпишан од 164 земји, бегалците низ светот и понатаму се во опасност. Со добронамерниот договор се прави обид бегалците да се прикажат како економска корист за земјите што ги примаат. Но со нагласувањето на премисата дека бегалците треба да бидат прифатени поради нивниот потенцијал за самоодржливост, наместо поради почитувањето на меѓународните норми и права на бегалците, глобалниот договор може всушност само да ја отежне нивната борба, оценува „Атлантик“.

Со договорот се прави обид да се намали притисокот врз земјите што примаат бегалци и да се направи бегалците да бидат повеќе самоодржливи. Тој ја поддржува надежта дека тие може да се вратат во нивните родни земји доколку се подобрат условите. Покрај тоа, владите се охрабруваат да понудат можности за мобилност на трудот на бегалците, вклучувајќи ја и идентификацијата на бегалците со вештини што се потребни во други земји. Сепак, како што наведува магазинот, тоа е опасен начин за размислување за загрозените луѓе. И додека владите имаат прагматични грижи за тоа колку бегалци може да си дозволат, правата на оние чија добросостојба е во најголема опасност се запоставени кога само „најдобрите и најпаметните“ бегалци се избрани за населување.

Затоа, наместо понатамошно потврдување на правото на земјите да избираат бегалци со висок економски или интеграциски потенцијал, глобалната заедница треба да се стреми кон поефикасни и обврзувачки мултинационални решенија – како што е системот за раселување заснован врз БДП на земјите и ограничување на можноста да се дефинира шема за раселување врз основа на критериуми што не се специфицирани со Конвенцијата за бегалци на ОН од 1951 година. Пред усвојувањето на Конвенцијата за бегалци, владите низ светот ги сметаа бегалците како поткатегорија на поголемата категорија „економски мигранти“. Па, така, во периодот помеѓу двете светски војни, поборниците за раселените лица бараа од државите да ги прифатат бегалците, поаѓајќи од економската основа. На бегалците се гледаше како специјална категорија на економски мигранти, а земјите-домаќини усвоија квоти за бегалци што одговараа на нивните потреби за вработување. Но ваквиот пристап, како што покажува историјата, имаше трагични последици и се смета дека голем дел од оние бегалци што беа одбиени во 1930-тите, подоцна беа убиени од нацистите.

„Атлантик“ наведува дека владите низ светот изминатиот период се однесуваат на начин што ја замаглува разликата помеѓу бегалците и мигрантите. Теренските истражувања во Египет, Либан, Мароко, Тунис и Турција, спроведени во периодот 2013-2016 година, покажуваат дека владите активно бараат сѐ повеќе контрола за селекцијата на бегалци. Во практиката, бегалците се третирани како другите видови мигранти, наместо да бидат прописно класифицирани на начин што ги обврзува владите да преземат одговорност за безбедноста на овие лица.

Инстинктот од пред Втората светска војна, да се примаат само „успешните“ бегалци, денес се рефлектира дури и во политиките на земјите што се релативно дарежливи во прифаќањето бегалци. Па, така, Данска проверува дали бегалецот може „да добие вработување во професионално поле за посебно квалификуван труд“, а Канада ги зема предвид работното искуство на бегалците, јазичното познавање и други лични соодветни фактори, како што е способноста.

Политиката за справување со бегалците пропадна пред Втората светска војна, бидејќи се потпираше на доброволната колективна акција и го поврза прифаќањето на бегалците со нивниот економски потенцијал. Договорот од пред една година повторно се приближува кон овој модел. Како резултат на тоа, големо мнозинство бегалци низ светот и натаму остануваат заробени во земјите во развој, додека неколкуте богати држави што примаат голем број бегалци – како што се Канада, Шведска и Германија – сѐ повеќе го прават тоа врз селективна основа. Тоа, пак, ги принудува бегалците да се впуштаат по опасни и често смртоносни маршрути за да стигнат до безбедност, предупредува „Атлантик“.