Канцеларијата на Високиот комесаријат на ООН изрази загриженост за животот и безбедноста на принцезата Латифа бин Мохамед ал-Мактум (35), ќерка на шеикот Мохамед бин Рашид Ал Мактум, која се наоѓа во заложништво во кралското семејство од 2018 година. Обединетите Арапски Емирати веќе два месеца не одговориле на барањата за доставување валиден доказ дека принцезата е сѐ уште жива, пренесува „Њујорк тајмс“.

– Итно е потребен доказ за живот и уверување во врска со нејзината благосостојба – се наведува во изјавата на аналитичарите на ООН, откако пријателите на Латифа пред два месеца објавија видеоснимка во која таа открива дека е затвореник во палатата во Дубаи и оти стравува за нејзиниот живот.

Латифа видеото го снимила во бањата, бидејќи тоа е единствената просторија каде што може да се заклучи и да има приватност. Таа посочи дека сите прозорци на зградата се блокирани, па затоа не може да ги отвори. Принцезата се обиде да избега од затвореничкиот и контролиран живот во Дубаи во два наврата, еднаш во 2002 година и во 2018 година.

Во вториот случај, таа побегнала на француска јахта, но била фатена за време на рација близу брегот на Индија и предадена на службениците за безбедност на Обединетите Арапски Емирати. Оттогаш, Латифа речиси е целосно исчезната од јавноста, со исклучок на фотографија направена за време на ручек во 2018 година, на кој присуствувала поранешната ирска претседателка Мери Робинсон.

Таткото на Латифа, шеикот Мохамед бин Рашид Ал Мактум, е еден од најбогатите шефови на држави во светот, владетел на Дубаи и потпретседател на Обединетите Арапски Емирати. Дел од компликациите во семејството се поврзуваат и со постапката за развод поднесена во британските судови од една од неговите жени, принцезата Хаја бинт ал-Хусеин, која во 2019 година исто така побегна од семејството во Велика Британија.

Принцезата не се согласувала со кралското семејство и повеќепати ја повикувала јавноста да покрене демократски реформи и да се залага за поголеми права на жените кои во арапскиот свет честопати се во неповолна општествена положба.

– Ваквиот живот за овие жени е неподнослив. Преку бегството, тие имаат можности да живеат поинаку и да бидат изложени на влијанието на жените од другите култури – вели Хала ал Досари, истакната саудиска активистка и истражувачка.

Случувањата во ОАЕ одат во прилог на тврдењата за неповолната положба и на привилегираните жени од арапскиот свет, без разлика дали тие се членови на кралското семејство или се дел од семејствата од политичкиот живот. Привилегираните арапски семејства се обвинувани за лицемерие од активистите, бидејќи сакаат да се покажат како либерални и современи пред светот, додека во приватноста им наметнуваат строги ограничувања на жените.