Меѓународната енергетска агенција (ИЕА) во својот извештај за 2021 година посочи дека „светот не инвестира доволно за да ги постигне идните енергетски потреби“. Извештајот беше претставен во пресрет на Климатскиот самит во Глазгов, Шкотска.
Фосилните горива, јагленот, природниот гас и нафтата сочинуваа дури 80 отсто од светското снабдување со енергија во 2020 година, додека обновливите извори на енергија само 12 отсто. Амбициозниот план на ИЕА за нето нула емисии (НЗЕ) предвидува употребата на фосилни горива да се намали на под една четвртина од сите енергенти до 2050 година, а за повеќе од две третини да се зголеми употребата на обновливи извори во следните 30 години. Со планот за нула емисии можат да се остварат заложбите од Парискиот климатски договор од 2015 година за ограничување на растот на температурите до два степена Целзиусови, по можност 1,5 степен Целзиусов над прединдустриските нивоа. Ваквиот план има 50 отсто шанси да успее.
ИЕА им дава две опции на политичарите. Според сценариото на досегашни политики (СТЕПС), температурите ќе скокнат за 2,6 степени Целзиусови до 2100 година. За споредба, според сценариото за најавени заложби (АПС), кое ги зема предвид сите климатски обврски на владите ширум светот, најверојатно растот на температурите ќе се ограничи на 2,1 степен Целзиусов. Од ИЕА порачаа дека според планот за нето нула емисии (НЗЕ), се предвидува пад од 56 отсто во побарувачката на фосилни грива и соодветен пораст на горивата со ниски емисии, по што нема да биде потребна потрагата по нови нафтени и гасни полиња по 2021 година.