Повеќе држави во светот изминативе десетина дена бележат зголемување на бројките на новозаразени со ковид-19. Медиумите пишуваат дека поради слабата имунизација на светско ниво, државите пред почетокот на зимата ќе навлезат во нов петти по ред бран од пандемијата

Ниското глобално ниво на имунизација повторно им се заканува на здравствените системи

Додека на светско ниво се намалува интересот за вакцинација, но и истовремено бавно се одвива процесот за имунизација, пред сѐ во сиромашните земји, дневните бројки на новозаразени со коронавирусот во државите од пред десетина дена повторно почнаа благо да растат.
Токму пишувањата на светските медиуми на оваа тема деновиве посочуваат дека државите пред новогодишните празници полека ќе навлегуваат во петтиот по ред бран од пандемијата, која трае речиси две години. Ниското ниво на вакцинација, пред сѐ во слаборазвиените држави, ќе ја продолжи пандемијата и во текот на целата 2022 година, предупреди минатата недела Светската здравствена организација (СЗО).

Источна Европа најкритична според бројот на новозаразени

Во меѓувреме, според бројките на новоинфицирани лица на светско ниво, најтешка е ситуацијата во Источна Европа. Како што пренесува РСЕ, во источните земји од Европа секојдневно се уриваат рекорди во бројот на заразени, но и на починати лица.
Најкритично во моментов е во Романија. Во земјата, споредбено со другите држави од Европа, здравствениот систем е пред колапс. Болниците во Романија се преоптоварени како на ниедно друго место друго на Стариот Континент, предупредуваат здравствените власти во земјата.
– Имаме пациенти што се хоспитализирани и бараат од нас вакцини. Ние им кажуваме дека штом сте на интензивна нега, нема превентивна мерка што може да се преземе – вели менаџерката на главната ковид-болницата во Букурешт, Јоана Кодру.
Слично како и во Романија, лошата епидемиолошка слика од зголемениот број инфицирани лица ги блокира здравствените системи и во Летонија, Литванија, но и во Бугарија.
Како што јавува германски „Дојче веле“, Романија, истовремено, заедно со Бугарија бележи најниско ниво на вакцинирани во ЕУ. Едвај 30 отсто од населението се целосно имунизирани во овие две земји, што е помалку од половина од европскиот просек. Скептицизмот во однос на вакцините е широко распространет и поддржан, како од националистичките политичари така и од здруженија што не ја поддржуваат вакцинацијата.

Во Русија забележан нов сој на ковид-19?

Паралелно на ова, рускиот претседател Владимир Путин неодамна реагираше на постојаниот раст на бројот на заразени и смртни случаи во земјата, при што тој прогласи неработни да бидат преостанатите денови од месецов, па сѐ до 7 ноември.
Според тамошните медиуми, Русија исто така пријави случаи на инфекција со новата варијанта на коронавирусот, за која се верува дека е позаразна од делта-сојот, откако во земјата се регистрирани рекорден број заразени и починати од ковид-19.
Тоа ги принуди московските власти повторно да воведат порестриктивни санитарни мерки, пренесува Радио Слободна Европа.
– Можно е варијантата АЈ.4.2 да се прошири многу побрзо – изјави Кафизов, истражувач во рускиот здравствен супервизор Роспотребнадзор. Тој додаде дека новата варијанта може да предизвика пораст на стапката на нови случаи на ковид-19, а на крајот може дури и да го замени делта-сојот, иако, како што изјави, процесот најверојатно ќе биде бавен.
Инаку, според анализите на светско ниво, Русија има најголем број смртни случаи од ковид-19 во Европа, а во светот е четврта. Од 146 милиони жители на Русија, околу 45 милиони, односно околу една третина, се целосно вакцинирани.
Светската здравствена организација изминатата недела на неколкупати предупреди дека поради ниската стапка на имунизација во сиромашните земји, пандемијата на коронавирусот ќе продолжи и во текот на следната година.
– Видовме неверојатно убедливи податоци од земји со висок процент на вакцинирани. Но можам да ви кажам дека не сме на добар пат. Дали навистина треба да го забрзаме процесот? Оваа пандемија ќе трае една година подолго отколку што е потребно – рече Брус Ејворд, советник на СЗО.
И додека пандемијата се смирува во Јапонија и во Индија, кои произведоа милијарда дози од својата вакцина, и никој не зборува за Кина како загрозена област, Нов Зеланд станува ново светско жариште. Светските медиуми информираат дека во Бразил, иако нема повеќе нови бранови на инфекцијата, зголемувањето на бројот на заразени на дневно ниво е константно.