Светлана Тихановскаја, која стана политичка ѕвезда во Белорусија преку нејзините напори да го отстрани од власт Александар Лукашенко, претставуваше неочекувана предизвикувачка на претседателските избори поттикната единствено од апсењето на нејзиниот сопруг Сергеј, пишува „Гардијан“.

Но нејзината сила и решителност, поради кои одби да ги прифати тврдењата на Лукашенко за победа на претседателските избори проследени со обвинувања за местење,  веројатно беа присутни кај Тихановскаја уште од нејзината 12-годишна возраст кога помина лето во рурална Ирска.

Тихановскаја е едно од т.н. „деца на Чернобил“, кои ирските семејства ги примија за да закрепнат и да се одморат по несреќата во нуклеарната централа во соседна Украина во 1986 година. 

– Како дете таа беше интелигентна и знаеше англиски многу подобро од останатите, поради што им беше преведувачка – вели Хенри Дин (72) кој со неговата сопруга Мариен ја примија Тихановскаја во местото Роскреј, во средината на 90-те години на минатиот век.  

Во текот на неколку лета таа работела и во локална фабрика во Роскреј.

– Таа извршуваше ситни задачи но беше расположена да работи. Парите и беа потребни за нејзините студии во Брест. Таа беше многу скромна – се сеќава Дин.

Но, Дин вели дека не можел ниту да го замисли животниот на „ова мало девојче“ како што Лукашенко подбивно ја нарекува Тихановскаја. Повеќето деца престојувале со семејството Дин во текот на едно, а можеби и две лета, но Тихановскаја редовно се враќала, зближувајќи се со семејството и со локалната заедница. Тој е изненаден што таа наликува на Јованка Орлеанка, велејќи сепак, дека Белорусинката нема долгорочни политички амбиции, туку истапила поради грижата за народот во нејзината држава.

– Нејзиното прво дете е глуво и таа ја остави работата за да го чува. Таа потоа се пресели со семејството во Минск, заради операција која му беше потребна. Тихановскаја го посвети животот на чувањето на нејзиниот син и ќерка. Таа е посветена мајка. Таа само сакаше да биде избрана за да го помогне ослободувањето на политичките затвореници, што е многу доблесно од нејзина страна и му се молам на бога да се оствари – вели Дин, кој повремено разменува пораки со кандидатката за претседателка на Белорусија.