Американскиот претседател Доналд Трамп, за сведочењето пред Конгресот на поранешниот специјален истражител, Роберт Милер, рече дека „републиканската партија имала убав ден“, а истрагата за неговата соработка со Русија за време на претседателските избори, ја нарече „лов на вештерки“ и „измама“.

Според Трамп, Милер вчера немал добар настап пред два одбора на Претставничкиот дом и дека тоа негативно ќе влијае на шансите на демократите во изборната кампања во 2020 година. Инаку, Милер пред конгресмените потврди дека претседателот не го ослободил од сомнеж.

– Денеска имавме многу убав ден, Републиканската партија, нашата земја. Не постои одбрана за тоа што Роберт Милер се обиде да брани. Мислам дека сите разбираат дека нема одбрана од оваа смешна измама, овој лов на вештерки, што трае веќе предолго – рече Трамп.