Советот за безбедност на ОН не прифати две алтернативни варијанти на резолуција за осуда на насилството во Појасот Газа.

Само САД гласаа „за“ за својата предлог-резолуција за осуда на движењето Хамас за настаните во палестинската енклава во последните недели. Претходно, САД ставија вето на предложениот од Кувајт алтернативен текст кој осудува употреба на сила од страна на Израел против палестинските цивили и во кој се повикуваше на меѓународна заштита на Палестинците на Западниот брег на реката Јордан и во Појасот Газа. Двете резолуции беа отфрлени.

Русија, Боливија и Кувајт гласаа против американскиот предлог, а останатите 11 земји членки на Советот за безбедност беа воздржани.

Од друга страна, кувајтската верзија ќе беше усвоена доколку САД не ставија вето. Предлогот беше поддржан од 10 земји, меѓу кои три од петте постојани членки на Советот – Франција, Русија и Кина. Четири земји, вклучувајќи и една постојана члена, Велика Британија, се воздржаа. Само САД гласаа против кувајтскиот текст.

За да биде усвоена резолуција на Советот за безбедност на ОН, потребни се девет гласа „за” и ниту една од петте земји постојани членки да не стави вето.