Портпаролот на саудиското министерство за одбрана упати апели до „меѓународната заедница да побара одговорност од Иран“

Саудиска Арабија го засили притисокот врз Доналд Трамп да даде одговор на нападот на двете најголеми рафинерии, откако соопшти дека дроновите и технологијата што се користеле „неспорно биле спонзорирани од Иран“, пренесува „Гардијан“.

На прес-конференцијата во Ријад, портпаролот на саудиското министерство за одбрана потврди дека рафинеријата на „Арамко“ била нападната со 25 дронови и крстосувачки ракети кои биле лансирани од север од правец на Иран.

На прашањето каков ќе биде неговиот одговор, Трамп порача дека „знаат што се случило“, но тоа што не презеле воена акција против Иран било „знак на сила“. Трамп притоа навел дека „многу лесно се почнува војна“, споменувајќи го примерот со Ирак, но „будно ќе го следи развојот на настаните во иднина“.

Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, вчера потврди дека во Саудиска
Арабија бил испратен тим на експерти за да го истражува случајот. Трамп вчера исто така изрече наредба до министерството за финансии „значително да ги заострат“ санкциите. Американскиот државен секретар Мајк Помпео пристигна вчера во Џеда за да се сретне со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман за да дадат координиран одговор. Попмео пред новинарите изјави дека „работат на формирање на коалиција која ќе изготви план за одбрана“. Тој притоа наведе дека нападот бил „од невидени размери“ и дека се смета за „чин на војна“.

Саудијците излегоа со официјална прес-конференција откако иранскиот претседател Хасан Рухани инсистираше дека нападот го извршиле Хутите од Јемен и се закани дека ќе одговори на секакви американски воени напади, Хутите официјално презедоа одговорност за нападот и Трамп телефонски разговараше со Борис Џонсон и се согласија за „потребата за обединет дипломатски одговор“.

На саудиската прес-конференција, полковникот Турки ал Малики изјави дека државата уште работи на откривањето на потеклото на нападот, но потврди дека остатоците од ракетите и дроновите биле од иранско потекло. Меѓу другото, тој побара од меѓународната заедница да даде одговор на „постојаната агресија на Иран и неговата постојана поддршка на милитантни групи кои на сите им нанесуваат штета“.

Во своето излагање тој наведе дека Саудиска Арабија неодамна пресретнала 282
балистички ракети и 258 дронови од кои повеќето потекнувале од Јемен. Станувало збор за напредни крстосувачки ракети и доказите покажале дека оружјето било од иранско потекло. Ако тие биле испалени од Јемен, мали биле шансите да ја погодат рафинеријата. Самиот Помпео ги потврди доказите за Иран и нагласи дека со Саудијците „сакаат да воведат инфраструктура и ресурси што ќе спречат вакви напади во иднина“.

Очигледно Саудијците немаат цврсти докази за вмешаноста на Иран, затоа што во еден момент на прес-конференцијата Малики навел дека ракетите можеби биле лансирани од Хутите од Јемен, како што самите тие и Иран веќе потврдија. Хутите во својата прес-конференција соопштија дека во нападот биле користени крстосувачки ракети „касиф к-2“ и дронови „самад 3“ со досег од 1.700 километри, кои биле лансирани од три локации за да можат истовремено да ја погодат целта од три различни агли.

Подготвила Билјана Здравковска