Престолонаследникот Мохамед бин Салман беше далеку од очите на јавноста. Потоа притвори членови на високите кругови од кралското семејство и започна војна за цената на нафтата

Автор: Дејвид Д. Киркпатрик

Њујорк тајмс

Првиот негов чекор беше да приведе најмалку четири членови од високите кругови на неговото кралско семејство. Следниот ден ја втурна Саудиска Арабија во ценовна војна со Русија поради која голем пад забележаа берзите и енергетскиот пазар. Престолонаследникот Мохамед бин Салман некое време беше далеку од очите на јавноста поради озлогласената опасна агресија. Можеби казнет поради негативните реакции за неговата поврзаност со убиството на дисидентскиот новинар Џамал Кашоги, 34-годишниот принц повеќе од една година избегнуваше секакво внимание.

Сега неговите игри на моќ ги разгоруваат дебатите во главните градови на Западот околу тоа дали е непромислено да му се верува на него како партнер. Ненадејното драстично намалување на цената на нафтата ја потресе светската економија која веќе е под ризик да падне во рецесија, се заканува да ги исцрпи паричните резерви на Саудиска Арабија и да ги поткопа неговите големи ветувања за нови инвестиции за намалување на зависноста на кралството од нафтата.

– Ова со сигурност ќе предизвика заемно уништување на сите економии кои извезуваат нафта, како што се Саудиска Арабија, Русија и веројатно САД. Но ова е типично за принцот. Тој сака да презема ризици и е склон кон носење импулсивни одлуки – изјави Грег Бру, експерт за регионот и соработник на Јужниот методистички универзитет.

Притворот за високите членови, за кој се дозна во петокот, не беше потврден или објаснет од страна на саудиските власти. Двајца од притворените принцови, принцот Ахмед бин Абдулазиз, помладиот брат на таткото на Мохамед бин Салман, кралот Салман, и принцот Мохамед бин Наиф, поранешниот престолонаследник и министер за внатрешни работи, порано важеа за најголеми ривали за власта. Нивното апсење ги поттикна шпекулациите меѓу заплашените членови на кралското семејство, според кои престолонаследникот Мохамед можеби ги отстранува противниците во подготовките да го преземе престолот од неговиот татко кој има 84 години и веќе на моменти заборава или е дезориентиран.

Лицата блиски до кралскиот двор инсистираа дека престолонаследникот само се истурил врз чичкото и братучедите затоа што го критикувале. Сакал да им одржи лекција на другите членови од семејството.

– Беше тивко еден период, а луѓето се прашуваа дали принцот Салман омекнал. Но очигледно е дека неговиот карактер не е променет – изјави Стефан Хертог, професор на Лондонската школа за економија.

Принцот Мохамед драстично ја намали цената на нафтата за да ја казни Русија која смета дека е виновна затоа што не соработувала за намалувањето на производството и прилагодувањето на цените. Забавувањето на економијата поради коронавирусот веќе ја намали побарувачката за нафта.

– Русите одговорија на провокацијата, а сега Саудијците сакаат да им покажат која е цената од недостигот на соработка. Но ова е ризична кукавичка игра – порача професорот Хертог.

Саудиска Арабија може многу повеќе да изгуби од Русија. Русија располага со разновидни извори на приход и ги зајакна резервите по последниот пад на цената на нафтата. Од друга страна, Саудиска Арабија и натаму зависи само од производството на нафта. Покрај тоа, паричните резерви четири години веќе се држат на 500 милијарди долари што е пад од највисоките речиси 740 милијарди долари од летото во 2014 година.

Аналитичарите велат дека на кралството му е потребно таканаречено изедначување на цената на нафтата на околу 80 долари за барел за да биде во согласност со буџетот, без да предизвика дополнителен пад во резервите или усвојување на болни мерки на штедење. Но цената вчера падна на околу 35 долари за барел што е помалку од половина од изедначената цена.

Професорот Хертог вели дека ниските цени во период од две години сериозно ќе ги намалат овие резерви што би наметнало притисок врз саудискиот девизен курс, а ќе влијаат и врз плановите за воведување диверзитет во економијата.

Економскиот план на престолонаследникот за државата се базираше на јавна понуда на акции во саудиската државна нафтена компанија „Арамко“ за да се соберат пари што потоа ќе се инвестираат во други сектори. Но плановите за дебитирање на голем меѓународен пазар беа повлечени за сметка на поблаг домашен девизен курс, а само во последните два дена падот на цената на нафтата ја намали вредноста на акциите за 20 отсто што скрати 320 милијарди долари од вредноста на компанијата.

Тајмингот на војната на цените кратко по приведувањето на неговите кралски роднини во петокот ги подгреа шпекулациите дека престолонаследникот сакал да ги спречи можните противници да предизвикаат проблеми. Некои сметаат дека сакал да ги спречи сите непријатели пред економските проблеми од падот на цената на нафтата да му ја нарушат политичката моќ.

Со одредена невидена немилосрдност во поновата саудиска историја, престолонаследникот приграби директна моќ врз кралството што е повеќе од сите кралеви што постигнале со години што се должи на заканите за потчинетост што ги наметнува врз владејачкото семејство. Дури и со голем пад на економијата, членовите на кралското семејство кои ги стави во притвор, имаат мали шанси да го предизвикаат.
Тој веќе под строг надзор ги стави истите кралски членови со што го ограничи нивниот капацитет за заговор против него, како што велат лица блиски до кралскиот двор. Претходните саудиски лидери предвремено ги предупредуваа Вашингтон и Лондон за вакви притворања на јавни личности, како што велат поранешни дипломати. Престолонаследникот минатата недела во Ријад се сретна со секретарот за надворешни работи на Британија, Доминик Раб, а минатиот месец оствари средба со државниот секретар Мајк Помпео.

Сепак, престолонаследникот не дал сигнали дека ќе апси, како што велат дипломати и други владини претставници запознаени со проблемот. Но досега, принцот Мохамед се соочи со неколку неповолни последици. Тој ја предводеше петгодишната воена интервенција во Јемен, која предизвика хуманитарна катастрофа. Притвори стотици од членовите на кралското семејство и други богати Саудијци во хотелот „Риц-Карлтон“ во 2017 година, за да ги натера да ги вратат парите од она што тој го нарече самозбогатување. Тој дури привремено го киднапираше премиерот на Либан и го присили да ја потпише неговата оставка (која подоцна премиерот ја повлече).
Американските разузнавачки агенции заклучија дека во 2018 година, принцот Мохамед го нарачал убиството на Џамал Кашоги, саудискиот дисидент и колумнист на „Вашингтон пост“, кој живееше во американската сојузна држава Вирџинија.

Оттогаш, некои аналитичари забележале знаци на зрелост особено кога се повлече од можниот вооружен судир лани со неговиот стар непријател, Иран. На состанокот на лидерите на 20-те светски најголеми економии што се одржа лани летото во Јапонија, принцот Мохамед беше одлично пречекан и беше одреден да биде домаќин за следниот самит на групата закажан за наесен во Ријад.

Превод: Билјана Здравковска