Саудиска Арабија повторно ќе испрати свој амбасадор во Берлин, со што се става крај на десетмесечната дипломатска криза со Германија, предизвикана од коментар на германски министер за нејзината политика во Либан.

Во ноември минатата година Саудиска Арабија го отповика својот амбасадор во Германија, откако тогашниот германски министер за надворешни работи Зигмар Габриел го критикуваше, според него, мешањето на Ријад во внатрешните работи на Либан и саудиската надворешна политика во регионот ја нарече „авантуризам“. Габриел исто така, рече дека либанскиот премиер кој поднесе оставка, Саад Харири бил држен против своја волја во Ријад.

– Нашите односи во последните месеци беа нарушени од недоразбирања, кои се сосема во спротивност со нашите силни и стратешки врски и ние искрено жалиме за тоа, изјави германскиот министер за надворешни работи Хаико Мас на средба со саудискиот колега Адел ал-Џубиер, одржана на маргините на Генералното собрание на ОН.

– Требаше да бидеме појасни во нашата комуникација. Саудиска Арабија игра важна улога во мирот и стабилноста во регионот и во светот, додаде тој.

Саудискиот министер за надворешни работи од своја страна ја истакна „водечката улога на двете земји во меѓународната безбедност и економија“ и го покани Мас да ја посети Саудиска Арабија.

Според германски официјални претставници, саудискиот амбасадор ќе биде акредитиран во наредните недели. Се очекува наскоро да се случи и акредитација на новиот германски амбасадор во Ријад, која се одолговлекува со недели.