На судењето за корупција

Поранешниот француски претседател Никола Саркози денеска пред судот изјави дека тој никогаш не бил дел од коруптивни постапки и дека е жртва на лаги. На Саркози му се суди по повеќедецениската политичка кариера, меѓу другото, и за наводен обид за помитување на судија. Поранешниот француски претседател ги обвини обвинителите за лов на вештерки.

– Дозволете ми свечено да изјавам дека никогаш не сум сторил ниту најмал корупциски чин. Никогаш. Никогаш не сум го злоупотребил моето влијание, наводно или реално – рече Саркози, кој беше претседател од 2007 до 2012 година.

Обвинителството тврди дека Саркози му понудил на судијата Гилберт Азибер профитабилна работа во Монако, во замена за доверливи информации од истрагата за наводни нелегални исплати што ги примил од сопственичката на „Лореал“, Лилијан Бетенкор, за неговата претседателска кампања во 2007 година. Обвинителите објавија дека тоа излегло на виделина кога биле прислушувани разговорите помеѓу Саркози и неговиот адвокат, Тјери Херцог.

– Азибер не ми должи ништо. Никогаш не лажев. Но, во оваа приказна има лаги за мене – се бранеше Саркози.

На Херцог и Азибер им се суди за корупција и злоупотреба на службената положба, како и за откривање деловни тајни. Доколку бидат осудени, на тројцата им се заканува казна затвор од 10 години.