Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека каталонските сепаратисти, кои планираат во регионалниот парламент да усвојат декларација за самоопределување, ќе наидат на цврст и одлучен одговор од страна на државата, доколку го прекршат законот.

Три партии кои поддржуваат независност на Каталонија, а имаат 70 од 135 места во Парламентот во Барселона, најавија усвојување на декларација, која е во спротивност со одредбите на шпанскиот Врховен и Уставен суд.

Тие во декларацијата, што планираат да ја стават на гласање, прво бараат нов референдум за независност. Иако декларацијата е необврзувачки документ, сепаратистите со неа сакаат да покажат дека не ги признаваат затворските пресуди за деветтемина каталонски претставници поради организирање  референдум во 2017 година и прогласување на Република Каталонија.

– Секое лице кое ќе ја помине границата на законот ќе наиде на цврст и одлучен одговор од демократската држава – посочи Санчез.

Санчез, кого на 10 ноември го чекаат парламентарни избори, минатата недела ги одби барањата на десницата за воведување вонредни мерки во Каталонија, како одговор на насилните протести и чекорите преземени од каталонската Влада.