Пет од државите потписници на нуклеарниот договор со Иран се договориле да формираат финансиски механизам, кој ќе им овозможи да продолжат да тргуваат меѓу себе без страв од санкции од страна на шестата потписничка – САД.

На маргините на заседанието на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини организирала средба со претставници на Велика Британија, Франција, Германија, Русија и Кина, на која се разгледувало како Иран да продолжи да добива пари од трговските зделки без САД да можат да ги попречат овие трансакции.

САД се повлекоа од договорот со Иран и најавија казнени мерки против иранските компании, како и против сите други фирми кои ќе тргуваат со Иран и ќе ги прекршат санкциите што ги воведе Вашингтон. Но, европските држави потписнички, како и Русија и Кина, сакаат да го продолжат спроведувањето на договорот, чија цел е запирање на иранската нуклеарна програма.

– Учесниците на средбата дадоа практични предлози за зачувување и развивање на каналите за плаќање, конкретно, за иницијативата да се формира специјален механизам, кој ќе ги олесни финансиските трансакции-изјави Могерини.

Европската дипломатка воедно потенцираше дека Иран во целост ги исполнува своите обврски од Договорот, кои вклучуваат замрзнување на нуклеарната програма и намалување на бројот на центрифуги кои се користат за збогатување ураниум. Поради тоа, Могерини побара договорот и понатаму да се спроведува, дури и покрај противењето на САД.