Лондон и Брисел се согласија Велика Британија привремено да остане во царинската унија со Европската унија (ЕУ) по Брегзит, со што ќе се избегне тврдата граница со Ирска, пишува британскиот неделник „Сандеј тајмс“.

Британската премиерка Тереза ​​ Меј добила отстапки од ЕУ, пишува весникот, повикувајќи се на извори блиски до преговорите и додава дека Брисел се согласил во договор за идните односи да биде наведено дека во царинската унија ќе остане целата територија на Велика Британија.

Според тој нов договор, ЕУ ја прифатила проверката на стоките во фабриките или продавниците, а не на границата.

Ирската граница е камен на сопнување во преговорите за односите откако Велика Британија ќе се повлече од членство во Унијата. Ниту една страна не сака воведување на граница меѓу британската покраина Северна Ирска и Ирска, која е членка на ЕУ, стравувајќи дека тоа ќе го загрози мировниот договор на Белфаст и Даблин.

Неименуван портпарол на британската влада не ги потврдува наводите на „Сандеј Тајмс“, нарекувајќи ги шпекулации.

Британски и ирски претставници неодамна изјавија дека се блиску до договор за решавање на прашањето, според кој границата меѓу Северна Ирска и Ирска да остане отворена по Брегзит.

На 29 март 2019, Велика Британија официјално излегува од ЕУ.