Демократскиот претседателски кандидат, Берни Сандерс, ја промовира својата стратегија за климатски промени вредна 16,3 трилиони долари за време на турнејата низ северна Калифорнија.

Според планот, Сандерс би иницирал деценија на т.н. „Грин њу дил“, 10-годишна федерална мобилизација, која климатските промени би ги зела предвид во секоја политичка акција, од миграцијата до надворешната политика, со ветување дека од ваквиот начин на дејствување ќе произлезат 20 милиони работни места.

САД целата електрична енергија би ја произведувале од обновливи извори до 2030 година, односно би постигнале целосна декрабонизација до 2050 година.

– Масовно ќе инвестираме во енергијата од ветрот, соларната и другите видови одржлива енергија – изјави Сандерс пред насобраната толпа од речиси 5.000 луѓе, која со воодушевување го поздрави.

Сандерс во говорот ги обвини нафтените компании дека се подготвени да ја уништат планетата за нивните краткорочни профити.

– Не можеме да го свртиме грбот пред оваа криза. Ние мора да го водиме целиот свет во нова енергетска насока – рече тој.

Неговата стратегија опфаќа десетици стратешки планови за Соединетите Држави бескомпромисно да ги напуштат фосилните горива при производството на електрична енергија, во транспортот и во градежниот сектор.