САД и натаму се надеваат дека ќе се одржи планираната средба меѓу претседателите на САД и Северна Кореја, Доналд Трамп и Ким Џонг-ун, но подготвени се за тежок преговарачки процес, изјави портпаролката на Белата куќа Сара Сандерс.

– Се уште се надеваме дека средбата ќе се одржи и ќе продолжиме по тој пат, но истовремено подготвени сме дека тоа би можеле да бидат тешки преговори, изјави Сандерс во интервју за Фокс њуз.

Таа додаде дека Трамп е подготвен за средба, но дека доколку таа не се оствари, тогаш САД ќе продолжат со кампањата за вршење максимален притисок.

Северна Кореја се закани со откажување на средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун превидена за 12 јуни во Сингапур, поради најавените јужнокоројско-американски воени вежби. Од истите причини, властите во Пјонгјанг ги откажаа и за денеска предвидените разговори на високо ниво меѓу претставници на Северна и Јужна Кореја.

– Северна Кореја не е заинтересирана за средба на врвот со САД ако тие продолжат да инсистираат на еднострано откажување на Пјонгјанг од својата нуклеарна програма, изјави севернокорејскиот прв заменик-министер за надворешни работи Ким Ге-гуан.

Портпаролката на Белата куќа изјави дека реакцијата на Северна Кореја не е необична при ваков вид активности.

Според официјалната севернокорејска новинска агенција КЦТА, Ким Ге-гуан конкретно го критикувал американскиот советник за национална безбедност Џон Болтон, кој неодамна се повика на одлуката на Либија од 2003 година за денуклеаризација, донесена за време на администрацијата на Џорџ Буш, како модел за американската политика во однос на Северна Кореја.

Ким Ге-гуан изјавата на Болтан ја оцени како „многу подмолен потег“.

Сара Сандерс, објаснувајќи ја позицијата на Вашингтон, изјави дека таквиот модел не е дел од некакви разговори, ниту пак знае дали тој модел воопшто ќе се користи.

– Знам дека имало таков коментар, изјави Сандерс како одговор на новинарско прашање за изјавата на Болтон.

– Не постои шаблон за тоа како ова ќе функционира. Ова е модел на претседателот Трамп. Тој ќе го води процесот на начин за кој мисли дека е најсоодветен. Ние сме 100 отсто сигурни, како што сме кажале многупати, дека тој е најдобриот преговарач и многу сме самоуверени на тој фронт, изјави Сандерс во интервју за Фокс њуз.

Во април, Болтон сугерираше дека Белата куќа гледа во Либија пример за тоа како ќе се справи во преговорите со Северна Кореја за денуклеаризација.

– На ум го имаме либискиот модел од 2003 година, 2004 година. Очигледно постојат разлики. Либиската програма беше многу помала, но во основа тоа беше договорот што го направивме, рече тогаш Болтон за Фокс Њуз.

САД во 2003 година се согласија да ги олеснат санкциите за Либија во замена за ветувањето на Моамер Гадафи дека ќе ја напушти нуклеарната програма. Осум години подоцна, Гадафи беше соборен од власт и убиен од страна на бунтовниците поддржани од Вашингтон, коментира Си-Ен-Ен.