Резултатите од Њу Хемпшир, исто како и од Ајова, нудат добар увид во динамиката на претстојната предизборна трка, пренесува Би-би-си

Сенаторот Берни Сандерс оствари тесна победа на внатрепартиските избори на демократите во сојузната држава Њу Хемпшир, на кои бившиот потпретседател Џо Бајден забележа катастрофален резултат. Со само три илјади гласа помалку од левичарскиот сенатор, на втората позиција заврши бившиот градоначалник Пит Бутиџиџ, кој понуди поинаква визија во демократската трка за номинација на противкандидат на претседателот Доналд Трамп на изборите во ноември. Резултатите од Њу Хемпшир, исто како и од Ајова, нудат добар увид во динамиката на претстојната предизборна трка, пренесува Би-би-си.
Во обраќањето до своите поддржувачи, Сандерс ја поздрави големата победа во Њу Хемпшир.

– Оваа победа тука е почеток на крајот на Доналд Трамп. Ветувам формирање на досега невидено мултигенерациско и мултирасно политичко движење за да ги поразиме републиканците – порача демократскиот сенатор.
Изборниот резултат му обезбеди на Сандерс девет од 24 делегати, што во јули ќе го претставуваат Њу Хемпшир на националната конвенција на демократите, на која партијата ќе го избере претседателскиот кандидат врз основа на бројот на освоени делегати. Иако доби помалку гласови, Бутиџиџ исто така ќе добие делегати.

Заблагодарувајќи им се на поддржувачите, тој предупреди на опасноста од „поларизирана визија“ на политиката, претставувајќи се како кандидат на центарот што ќе привлече нови гласачи кон партијата. На изненадувачкото трето место заврши сенаторката од Минесота, Ејми Клобухер, чиј успех навестува дека центристичката линија во Демократската партија и понатаму останува поделена.

Сепак, најголем губитник од гласањето во Њу Хемпшир е Бајден, единствениот кандидат, чија поддршка на национално ниво е блиску до таа на Сандерс. Бившиот претседател воопшто не ни го почека соопштувањето на резултатите од гласањето. Иако не се очекуваше дека ќе победи во Ајова и во Њу Хемпшир, наводниот фаворит на демократите, кој тврди дека само тој може да му се спротивстави на Трамп, мораше да оствари подобар резултат од четвртото и петтото место. Повеќе месеци откако се приклучи на изборната трка во април 2019 година, Бајден беше сметан за фаворит, остварувајќи рејтинг од 41 отсто. Но по четвртото место во Ајова, неговата поддршка се намали на 20 проценти, со што првпат Сандерс забележа поголема популарност. Поддршката за Бајден е поголема помеѓу афроамериканските гласачи, кои сочинуваат над 60 отсто од гласачкото тело на внатрепартиските избори кај демократите во јужните држави. Сепак, по гласањето во Ајова и оваа поддршка се намали од 52 на 27 отсто, иако тој и понатаму останува најпопуларен демократ кај афроамериканските гласачи.

Интересно е тоа што резултатите од Њу Хемпшир им ја запечатија судбината на двајца демократи – политичкиот новак Ендру Јанг и сенаторот од Колорадо Мајкл Бенет – кои се откажаа од изборната трка. Јанг ја водеше кампањата со ветувањето за универзален основен приход и справување со предизвиците од автоматизацијата на индустријата, инспирирајќи ентузијастички приврзаници, чиј број сепак се покажа дека е маргинален.