Суд во Флорида синоќа реши да го ослободи од притвор уапсениот поранешен политички советник на американскиот претседател Доналд Трамп, Роџер Стоун, со каупција од 250.000 долари.

Стоун беше уапсен вчера во раните утрински часови во неговиот дом во Форт Лодердејл во Флорида од страна на агенти на Федералното истражно биро (ФБИ), поради седум обвиненија, меѓу кои и за обид за влијание врз сведок и за давање лажни изјави во истрагата на специјалниот истражител Роберт Малер за наводните врски на изборниот штаб на Трамп и Русија за време на изборите во 2016 година.

Според американските медиуми, обвинувањата против Стоун „нудат досега најдеталини информации“ дека соработниците на Трамп во текот на кампањата во 2016 година, знаеле дека имало хакерски упад во системот за електронски пораки на штабот на тогашната демократска претседателска кандидатка Хилари Клинтон.

Истите извори посочуваат дека, според овие податоци, на член на штабот на Трамп му било посочено да контактира со Стоун за објавување на електронските писма и „други штетни информации“ за Клинтон на Викиликс.

Портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс синоќа изјави дека апсењето на Стоун нема никаква поврзаност со претседателот Трамп

Таа сепак не одговори директно на новинарско прашање кој е членот на изборниот штаб на Трамп на кого му било наредено да контактира со Стоун за објавување на хакираните податоци за Клинтон на Викиликс.

Во врска со приведувањето на Стоун се огласи и самиот Трамп, кој на Твитер објави дека истрагата на Малер претставува „најголем лов на вештерки во историјата на земјата“.

Шеесет и шестгодишниот Стоун е шести соработник на Трамп кој е обвинет во рамки на истрагата на Малер за руското мешање во изборите во САД во 2016 година.