Лидерите на земјите членки на Европска Унија и на Арапска Лига на самитот во египетското одморалиште Шарм ел Шеик се договорија за интензивирање на соработката во борбата против тероризмот и оти ќе се борат против илегалната миграција.

Самитот во Шарм ел Шеик беше прв од таков вид, но има симболичко значење, но се уште е неизвесно дали ќе даде конкретни резултати. Предизвиците на европската миграција се централна тема на самитот што се одржува под мотото „Инвестирање во стабилност“.

Под силни безбедносни мерки дводневниот самит вчера го отвори египетскиот претседател Абдел-Фатах ел-Сиси, кој во говорот ја пофали историската соработка помеѓу ЕУ и АЛ.

Ел-Сиси ја повика ЕУ да ги здружи силите со арапските земји во борбата против тероризмот.

– Тероризмот како чума се прошири низ светот. ЕУ и арапскиот свет мора да соработуваат за заеднички да се изборат со таквиот предизвик- посочи Ел-Сиси.

На самитот, чија цел е зајакнување на економската и политичка соработка, миграцијата и безбедносните прашања, присуствуваат лидерите на околу 50 земји членки на ЕУ и на АЛ.

Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск укажа и на разликите помеѓу двете организации.

– Свесен сум дека има разлики помеѓу нас. Не сме овде за да се преправаме дека се согласуваме за се. Но, се соочуваме со заеднички предизвици и имаме заеднички интереси. Денеска сме тука за да ја зајакнеме нашата соработка во корист на нашите народи. Мораме да работиме заедно и да не го предадеме тоа на глобалните моќници кои се далеку од нашите региони- посочи Туск.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини пред почетокот на самитот наведе дека состанокот не е само за миграцијата туку и за зајакнување на економската соработка и мировниот процес на Блискиот Исток.

– Бидете сигурни дека отворено и искрено ќе ги решаваме сите прашања, дури и тие најтешките. Нема табуа ниту со еден наш партнер-истакна Могерини.

Претседателот на Европска Комисија, Жан-Клод Јункер изрази желба ЕУ и арапскиот свет заедно да ги бранат основните вредности.

– Би сакал заедни да ги браниме темелните вредности – почитување на човековите права и толеранцијата- наведе Јункер.