Кога италијанскиот заменик-премиер со силни антиимиграциски ставови ја растури коалицијата со незадоволниот политички партнер, движењето Пет ѕвезди, во обид да изнуди предвремени парламентарни избори, изгледаше дека Матео Салвини ја презема главната улога во италијанската политика. Неговата партија Лига имаше поддршка од речиси 40 отсто на анкетите, во Пет ѕвезди владееше неред и опозициската Демократска партија сè уште се опоравуваше од големиот пораз на  ланските избори, објави „Блумберг“.

Но, минатиот викенд се појавија знаци за создавање на потенцијално парадоксална алијанса за да се блокираат идеите на човекот кој го гледа американскиот претседател Доналд Трамп како политичка инспирација. Сега, во Италија, постои можност популистичката Пет ѕвезди да влезе во коалиција со Демократската партија.

Вистинската политичка драма би требало да започне утре, кога премиерот Џузепе Конте ќе се појави пред Сенатот со плановите за иднината на италијанската влада. Доколку неговата администрација доживее неуспех, претседателот Серџо Матарела мора да избере дали ќе распише предвремени избори или ќе побара од силите кои се против Салвини да формираат нова владина коалиција.

Резултатот од политичката криза во Италија има силни импликации и за Европа – дали една од најзадолжените влади во ЕУ ќе биде предводена од политичар со цврсти ставови кој е подготвен на нови тензии со Брисел (се мисли на Салвини – н.з.) или од слаба коалиција на која ќе и биде неопходна помошта на ЕУ.