Лидерот на италијанската десничарска Лига, Матео Салвини, изјави дека неговата партија е подготвена за сојуз со партијата Форца Италија на поранешниот премиер Силвио Берлускони, со што најави коалиција на десниот центар за можните вонредни парламентарни избори.

-Во следните часа ќе се сретнам со Берлускони и со Џорџа Мелони (лидерка на крајнодесничарската партија Браќа Италија)“, рече Салвини за весникот „Ил џорнале“, кој е во сопственост на семејството Берлускони.

Тој кажа и дека ќе предложи договор што ќе биде поширок од спектарот на десниот центар. Во коалицијата би можеле да влезат и таканаречените граѓански листи ориентирани кон локалните избирачи, пренесува порталот Политико.

Лигата на Салвини неодамна објави дека се распаднала коалицијата со Движењето пет ѕвезди и најави дека до Сенатот ќе упати предлог за изгласување недоверба на владата. Италијанскиот парламент во моментов е на летна пауза, па од претседателот на Сенатот зависи дали ќе свика седница.