Матео Салвини

Италијанскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Матео Салвини денеска им објави војна на, како што рече, мафијашките мрежи кои организираат странци да работат на црно во земјоделскиот сектор во Италија.

Најавата на Салвини уследи откако при сообраќајни несреќи вчера и во саботата во јужната италијанска покраина Фоџа, загинаа 16 странци ангажирани како сезонски работници на земјоделските површини. 

Според италијанските медиуми, илјадници Африканци, но и државјани на Полска, Бугарија и Романија секоја година во текот на летниот период се ангажирани како сезонски работници во италијанскиот земјоделски сектор. Поголемиот дел од нив илегално престојуваат во Италија и работат во речиси ропски услови, често изложени на уцени и експлоатирани од страна на посредниците, кои не ретко се поврзани со мафијата.    

– Тоа е проблем со мафијата. Во покраината Фоџа има мафијашки криминал, кој планирам да го искоренам со сите расположливи средства – улица по улица, село по сели – изјави Салвини на прес-конференција во Рим.

Тој ги обвини „мафијашките организации“ дека ја користат неконтролираната миграција, нагласивајќи дека ако „ги немаше илајдниците очајни луѓе кои ги експлатираат, ќе им беше потешко да водат бизнис“. 

Салвини изјави дека очекува неговиот став за запирање на приливот на африкански мигранти да даде резулати, но најави и мерки против „увозот на робови“ од европските земји, за што, како што рече, ќе биде потребно „поголемо внимание и контрола и од страна на колегите од Бугарија и Романија“.