Фото: Најиб Букеле/Твитер

Ел Салвадор планира да го изгради првиот светски „биткоин-град“ инспириран од градовите основани од славниот војсководец Александар Македонски, како што најави претседателот на централноамериканската држава Најиб Букеле, зацврстувајќи ја определбата кон најпопуларната светска криптовалута со цел да привлече инвестиции, пренесува „Ројтерс“.

Споредувајќи го неговиот план со градовите основани од Александар Македонски, Букеле кажа дека биткоин-градот ќе биде циркуларен, со аеродром, со станбени и комерцијални зони, а ќе има и централен плоштад кој ќе наликува на симболот за биткоин.

– Ако сакате биткоинот да се шири низ светот, треба да изградиме александрии (термин за градовите основани или преименувани од Александар Македонски – н.з.) – кажа Букеле.

Тој откри дека е предвидено градот да биде во источниот регион на Ла Унион, каде што ќе добива геотермална енергија од вулканот во близина.

– Инвестирајте тука и заработете ги сите пари кои ги посакувате. Ова е потполно еколошки град енергизиран од вулкан – порача Букеле во неговото вчерашно обраќање.

Преку даноци ќе бидат финансирани обврзниците што ќе се користат за подигање на градот, како и јавните услуги. Букеле проценува дека јавната инфраструктура на градот ќе чини околу 300 илјади биткоини.

Салвадор во септември стана првата држава која го усвои биткоинот како законско средство за плаќање. Меѓу Салвадорците има поделени мислења за ваквата политика на Букеле, според последните анкети, а воведувањето на криптовалутата беше проследено и со протести.