Шеснаесет американски сојузни држави, предводени од Калифорнија, ја тужат администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп поради одлуката да прогласи вонредна состојба, со цел да се обезбедат средства за изградба на ѕид долж американско-мексиканската граница.

Тужбата, поднесена во Окружниот суд во северниот дел на Калифорнија, доаѓа само неколку дена откако Трамп во петокот повика на вонредни овластувања, откако Конгресот претходно одби да го прифати неговото барање за исплата на 5,7 милијарди долари за изградба на ѕидот, што беше негово ветување во текот на претседателската кампања во 2016 година.

-Денеска, на Денот на претседателот, го тужиме претседателот Трамп пред судот, за да ја прекине злоупотребата на претседателските овластувања – се вели во соопштението на државниот обвинител Калифорнија Гзавије Бесере.

Посочи дека го тужат претседателот Трамп за да го спречат самостојно да ги ограби средствата на даночните обврзници, кои Конгресот законски ги издвои за луѓето од  земјата.

-За повеќето од нас, Кабинетот на претседателот не е место за театар – додаде државниот обвинител од редовите на демократите.

Три земјопоседници од Тексас и една еколошка група во петокот први поднесоа тужба против неодамнешната одлука на Трамп, наведувајќи дека со неа се крши Уставот и дека го загрозува нивното право на сопственост.