САД даваат цврста поддршка за одлуката на Холандија и Австралија да побараат одговорност од Русија за соборувањето на малезискиот патнички авион во јули 2014 година, кога загинаа 298 лица од повеќе земји.

Американскиот Стејт департмент во изјава дадена синоќа од портпаролката Хедер Нојерт, порача дека „дојде време Русија да ја признае својата улога во уривањето на летот МХ17 и да престане со својата бездушна кампања на дезинформации“ во врска со овој трагичен настан.

Изјавата на САД дојде откако во четвртокот попладне властите на Холандија и Австралија официјално ја обвинија Русија за соборувањето на патничкиот авион. Двете земји засега само ја повикуваат Русија, како директно одговорна за трагедијата, да започне разговори за инцидентот и се воздржуваат од тоа случајот да биде даден на меѓународен суд.

– Добиените податоци од работата на заедничкиот истражен тим јасно укажуваат дека транспортер со ракетен систем Бук употребен во соборувањето на авионот и во сопственост на Руската Федерација бил доделен на 53-та противвоздушна бригада стационирана во близина на Курск, се вели во изјавата.

Понатаму стои дека системот од Русија со конвој бил пренесен на суверена украинска територија.

– Лансирањето на ракетата било изведено од територија во источна Украина контролирана од Русија и од воени сили предводени од Русија. Потоа постројката била вратена на руска територија, се вели во изјавата од Стејт департментот.

САД ја повикуваат Русија да ја почитува Резолуцијата 2166 на Советот за безбедност на ОН донесена едногласно на 21 јули 2014 година во која се изразува поддршка за целосна, продлабочена и независна меѓународна истрага за овој инцидент и во согласност со меѓународните документи за граѓанска авијација.

– Руската агресија во Украина, која започна во 2014 година, одзеде повеќе од 10 300 воени и цивилни животи, вклучувајќи ги и оние изгубени во трагедијата на летот МХ17. Дојде време Русија да стави крај на насилството, се вели во соопштението од американскиот Стејт департмент.

Слична поддршка, Русија да се повика на одговорност за соборувањето на авионот, дојде и од ЕУ, Велика Британија и НАТО.