Американски разузнавачки службеник предупреди дека Русија тестира нуклеарно оружје во близина на арктичките бази, со цел да го модернизира својот атомски арсенал, и покрај глобалниот договор што тоа го забранува, пренесува „Њузвик“.

Тоа го потврди Роберт Ешли, директорот на Одбранбената разузнавачка агенција, во говорот што го одржа во истражувачкиот центар на институтот Хадсон во Вашингтон. Тој вели дека САД имаат причина да веруваат дека Русија ги прави тестирањата во Нова Земја, архипелаг над Арктичкиот круг, каде што Советскиот Сојуз често вршел тестирање на нуклеарни оружја во минатото.

– Веруваме дека Русија не се придружува до мораториумот за нуклеарно тестирање на начин што е во согласност со стандардот „нула принос“ на договорот. Активностите на Русија ќе помогнат за подобрување на нивните нуклеарни способности – изјави Ешли.

Преку говорот на Ешли, всушност, САД првпат јавно ја обвинуваат Русија за кршење на Договорот за контрола на нуклеарно вооружување, ратификуван од Русија во 2000 година, со кој се забрануваат сите нуклеарни тестирања.

САД никогаш не го ратификуваше договорот, а нема изведено нуклеарни тестирања од 1992 година, пренесува „Њујорк тајмс“. Иако многу земји не го ратификуваа договорот, одредени земји се согласија да го почитуваат и да се придржуваат до него.

Другите претставници кои зедоа збор во истражувачкиот центар не дадоа дополнителни детали за типот и големината на тестирањето, ниту како САД добиле информации за истите.

За ова се уште нема официјален одговор од руската влада, но тие се со став дека САД немаат никаков доказ за да го поддржат она што го тврдат, ниту пак го ратификувале договорот.

– Ешли не можеше да даде понеодговорна изјава. Нуклеарните тестови не можат да бидат извршувани тајно – изјави Владимир Шаманов, шеф на Комитетот за одбрана на руската Дума, за новинската агенција „Интерфакс“.

Тој додаде дека САД со ваквите постапки само покажуваат дека професионалноста на војската системски опаѓа во Америка.