Американскиот претседател Доналд Трамп го повика Пентагон за подготвување нова одбранбена стратегија за подобра заштита на САД од потенцијалните непријатели, кои забрзано работат на развој и распоредување на напредни офанзивни проектили. Деталите од извештајот на Министерството за одбрана, прв ваков извештај по 2010 година, беа објавени минатата недела од Трамп, при посетата на Пентагон.

Со извештајот се бара поагресивен вселенски ракетен одбранбен систем за заштита од постојните закани од Северна Кореја и Иран, како и справување со напредните оружени системи што ги развиваат Русија и Кина. Сегашните американски оружја за ракетна одбрана се распоредени на копно и на воени бродови.