Истражители на ООН составија тајна листа од 160 „главни актери“ меѓу политичката
елита во Саудиска Арабија, ОАЕ и Јемен.

Ал џезира

САД, Велика Британија и Франција можат да станат соучеснички во воените злосторства во Јемен, поради тоа што вооружуваат и обезбедуваат разузнавачка и логистичка поддршка за саудиски предводената коалиција која ги изгладнува граѓаните како дел од воената тактика, соопштуваат од ООН.

Панел на ООН денес објави дека е направена тајна листа на можни осомничени за меѓународни воени злосторства од нивниот последен извештај за престапи за време на четиригодишниот конфликт меѓу коалицијата на арапските држави и движењето на Хутите кое го контролира главниот град на Јемен.

Истражителите открија можни злосторства на двете страни истовремено нагласувајќи ја улогата на западните држави кои беа главни поддржувачи на арапските држави додека Иран обезбедуваше поддршка за Хутите.

Во извештајот се обвинува саудиски предводената коалиција и ОАЕ дека убивале цивили во воздушните напади и намерно не им обезбедувале храна на граѓаните во држава која се соочува со глад. Хутите, пак, гранатираа градови, регрутираа деца и правеа „опсади“.

Независниот панел на ООН во својата скратена тајна листа на поединци како можни одговорни за меѓународни злосторства вклучува над 160 „главни актери“ од политичката елита во Саудиска Арабија, ОАЕ и Јемен, како и од движењето на Хутите, иако не е нагласено дали овие лица се исто така осомничени.

Во извештајот се наведува дека е дискутабилна легалноста на трансферот на оружје од страна на Франција, Велика Британија, САД и други држави што исто така е предмет на
разни домашни судски постапки. Исто така во него се открива дека Заедничкиот тим за процена на инциденти што го формираше Саудиска Арабија со цел да ги разгледува можните престапи на коалицијата, не успеа да побара одговорност од никој за нападите во кои загинаа цивили, предизвикувајќи „загриженост за непристрасноста на неговите истраги“.

Панелот на ООН соопшти дека добил обвиненија дека емиратските и сојузнички сили мачеле, силувале и убивале осомничени политички противници кои ги притворале во тајни објекти додека Хутите поставувале мински полиња. Саудиски предводената воена коалиција во југозападен Јемен во еден напад погодила затворски комплекс при што имало многу загинати.

Подготвила: Билјана Здравковска