На 20 јануари, демократот Џо Бајден треба свечено да положи заклетва како 46-ти претседател на САД, пред Капитол Хил во Вашингтон. Во меѓувреме расте загриженоста да не се повтори бранот на насилства, кои може да фрлат сенка врз подготовките

По неодамнешните немили настани во Конгресот

Во пресрет на инаугурацијата на Џо Бајден, закажана крајот на идната недела, на алтернативни социјални мрежи и форуми сѐ погласно се зборува за нов обид за попречување на процесот на транзиција на власта во земјата, при што истовремено растат и стравувањата дека инаугурацијата на наследникот на Доналд Трамп може да биде засенета со нови безредија и насилства. Имено, ваквите размислувања и наоди деновиве се актуелни во американската и светската јавност, откако тамошните медиуми открија комуникација на екстремистички групи преку социјален интернет-сервис на кој се споделуваат планови и пораки за „втора рунда“ протести пред американскиот Конгрес.
– Постои голема загриженост дека насилни екстремисти, охрабрени од упадот во Конгресот, можат пак да се обидат. Затоа, часовникот отчукува, треба најопасните да се спречат, за да не се повтори насилство – вели за „Ен-би-си“ Френк Фиглиуци, поранешен помошник-директор на ФБИ.

Екстремистите преку тајни мрежи подготвуваат немири?

Паралелно на ова, американските медиуми објавуваат дека комуникацијата на екстремистичките групи преку овие социјални мрежи продолжува интензивно периодов. Токму во таа насока, „Гугл“ од саботата ја забрани апликацијата за комуникација Парлер на својот сервис „Гугл плеј“. Парлер себеси се опишува како непристрасен социјален медиум и е популарен меѓу оние што веќе добиле забрана од Твитер, наведува весникот „Пеорија журнал стар“.
Овие групи, како што анализираат некои од американските медиуми, меѓу себе деновиве интензивно комуницираат преку мрежите Парлер или Телеграм, кои се многу популарни кај дел од екстремистите и поддржувачите на теории на заговор. Тоа е така бидејќи комуникацијата преку овие алатки поттикнува насилство и послабо се регулира од софтверските компании поради правилата за употреба на алатките.
Исто така, друг начин на кој се прават обиди за нов собир пред Капитол Хил е и преку платформата „Де Доналд вин“, интернет-форум што веќе беше искористен и за нападот на 6 јануари. Станува збор за неконтролиран форум за, како што се вели, „вистинските поддржувачи на претседателот Доналд Трамп“.
Во исто време надлежните служби во Вашингтон, одговорни за одобрување протести на територијата на градот, информираат дека добиле дури седум барања за собири на истиот ден кога е и инаугурацијата на Бајден. Процените се дека барем еден од овие собири е на поддржувачите на Трамп. Шефот на Бирото на националната гарда, Даниел Хокансон, изјави дека очекува 10.000 припадници од оваа формација да бидат во Вашингтон до сабота. Тие ќе бидат ангажирани во областите безбедност, логистика и комуникација. Хокансон додава оти нивниот број би можел да се зголеми до 15.000, пренесува „Дојче веле“.

ФБИ со предупредување за нови протести

Во меѓувреме, Федералното истражно биро (ФБИ) објави предупредување дека постои можност вооружени учесници да одржат протести во Вашингтон во деновите пред инаугурацијата на избраниот претседател Џозеф Бајден на 20 јануари. Предупредувањето се однесува и за главните градови во сите 50 сојузни држави во Америка, објави агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на неименуван извор од Федералната агенција за примена на закони. Истовремено, по насилството минатата среда, кое се случи во комплексот Капитол Хил, кој беше под опсада од симпатизерите на претседателот во заминување Доналд Трамп, националната гарда во Вашингтон ќе испрати 15.000 припадници. Исто така, ќе бидат забранети туристички тури во областа кај споменикот на Џорџ Вашингтон, еден од симболите на градот. Истиот извор, кој инсистирал на анонимност, изјавил дека предупредувањето на ФБИ се однесува на периодот од 16 до 20 јануари за главните градови на американските сојузни држави и за најмалку уште три дена по инаугурацијата во Вашингтон.
Сенаторот Крис Марфи, кој завчера му се обрати на вршителот на должноста секретар за одбрана, изјави дека не е јасно дали националната гарда ќе биде доволна за заштита на денот на инаугурацијата или за тоа ќе бидат потребни активни трупи.
Инаку, безредијата пред Капитол Хил и упадот во самиот Конгрес минатата недела охрабрија некои од екстремистичките организации и поддржувачи на Доналд Трамп деновиве да најавуваат нов обид за „окупирање“ на Капитол Хил.