Американскиот државен секретар Мајк Помпео денеска вети дека САД ќе обезбедат околу 300 милиони долари за зајакнување на безбедноста на Југоисточна Азија.

Помпео ја посочи оваа сума пред новинарите на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи од 10-члената Асоцијација на држави во Југоисточна Азија (АСЕАН) и други земји во Сингапур.

– Како дел од нашата посветеност да придонесеме за зајакнување на регионалната безбедност во индо-пацифичкиот регион, САД со возбуда објавуваат околу 300 милиони долари ново финансирање за зајакнување на соработката во областа на безбедноста на целиот регион, рече тој.

Новата помош е наменета за зајакнување на поморската безбедност, хуманитарната помош, зачувувањето на мирот и спречувањето на „транснационални закани”.

САД претходно оваа недела соопштија дека ќе инвестираат 113 милиони долари во технологија, енергија и инфраструктура во Азија.

Неговиот кинески голега Ванг Ји на истиот Форум пред новинарите изјави дека Пекинг го поздравува потегот и е подготвен да работи со САД за да помогне за побрз развој и подобра безбедност во регионот.

Тој, сепак, додаде дека САД испраќаат „масивни стратешки оружја” во Јужното Кинеско Море и регионот како демонстрација на воена моќ, а тоа ги става Кина и другите земји под притисок. Според него, Вашингтон е најголемата сила која стои зад милитаризацијата на регионот.