Американскиот Сенат завчера донесе нов пакет помош од 500 милијарди долари за поддршка на малите и средните бизниси поради кризата со епидемијата на ковид-19, како и да им помогне на болниците во тестирањето на коронавирусот. Бизнисите со помалку од 500 вработени добиваат заем од 320 милијарди американски долари, јави „Си-ен-ен“.

Според информациите објавени во американските медиуми, болниците ќе добијат помош од 75 милијарди долари, 25 милијарди долари за прегледи за коронавирус и 60 милијарди долари за други сектори погодени од кризата, пред сѐ земјоделството.
Претставничкиот дом се очекува да гласа по предлогот во текот на оваа недела. За да биде ефективен документот, по неговото усвојување и во двата дома, мора да го потпише американскиот претседател Доналд Трамп, што, според тамошните експерти, многу веројатно ќе се случи. Инаку, ова е втор економски пакет за справување со кризата во Америка.

Првиот беше донесен точно пред еден месец, кога американските сенатори и Белата куќа постигнаа согласност за економскиот пакет мерки со кои се предвиде огромна помош во висина од 2 илјади милијарди американски долари, наменета за деловните субјекти, работниците и системот на здравствена заштита, кои најмногу беа и се погодени од пандемијата на новиот коронавирус во земјата.