Белата куќа објави дека воведува нови, дополнителни санкции за Иран коишто ги најави американскиот претседател Доналд Трамп. Новиот бран економски санкции е одговор на иранските ракети испукани врз американските трупи во Ирак оваа недела, што беше одговор на Иран за убиството на нивниот командант Касем Сулејмани од страна на американските сили.
        
На санкциите се чекаше по говорот на Трамп на почетокот на неделава кога тој вети дека ќе „удри“ на Иран. Санкциите се насочени кон високи владини претставници и клучни сектори на иранската економија.

Санкциите се насочени кон секторот производство, рударство и текстил во Иран, како и високи ирански функционери за кои Вашингтон смета дека се вклучени во нападот врз американската воена база во Ирак на 8 јануари.
        
На списокот се наоѓаат 17 ирански производители на метали и рударски компании и мрежи на ирански индустриски субјекти лоцирани во Кина и на Сејшелите, како и брод користен за пренесување на ирански метал.