САД повеќе од двојно ќе го зголемат бројот на маринци стационирани во Норвешка, во согласност со планови што првично беа објавени во јуни, објави денеска норвешкото Министерство за одбрана.

Плановите за зголемување на бројот на маринците во Норвешка на 700 од 330 и преместување на некои од нив поблиску до границата со Русија предизвикаа остра реакција од Москва, која ги оквалификува како „јасно непријателски”.

Владата во Осло инсистира на тоа дека зголеменото присуство на САД е само за цели на обука и не треба да се толкува како воена закана.

Маринците требаше да ја напуштат Норвешка на крајот од оваа година, откако почетниот контингент пристигна во 2017 година за да се обучат за борба во зимски услови.

Тие се првите странски војници стационирани во Норвешка уште од Втората светска војна.

Министерот за надворешни работи, Ине Ериксен Соереиде, претходно им изјави на новинарите дека одлуката не претставува воспоставување постојана американска база во Норвешка и оти Русија не е цел.