Американските сили почнаа да се повлекуваат од реоните во Сирија близу границата со Турција, јавија американски медиуми.

Тоа се случува откако Белата куќа соопшти дека силите на САД во североисточна Сирија ќе се повлечат и ќе го расчистат теренот пред очекуваната турска офанзива.

Локалните медиуми коментираат дека тоа значи оти тие ги оставаат курдските сили со кои заедно се бореа во кампањата против Исламска држава.

Одлуката е донесена во момент кога Турција се подготвува за напади врз региони во североисточна Сирија кои се под контрола на Курдите.

Белата куќа претходно соопшти дека американски војници нема да учествуваат во турската операција во северна Сирија и нема да бидат стационирани во близина на областа каде што ќе се спроведува операцијата.

Според Сириските демократски сили, тоа ќе ѝ наштети на борбата против ИД.

– Евентуалната турска воена инвазија во северниот дел на Сирија ќе создаде голема можност за ИД и ќе ги сведе на нула резултатите од успешните битки кои со години се водат против џихадистичката организација – нагласуваат од Сириските демократски сили.