Шефот на Белата куќа, Доналд Трамп, упати најсилни критики досега до американското министерство за одбрана и директно изјави дека лидерството во американското министерство за одбрана не сака „ништо друго, освен да води војни“, за да овозможи богатење на корпорациите што се занимаваат со производство на оружја и воена технологија

Како што се загрева претседателската предизборна трка во САД, така сè почесто „паѓаат маските“, а од спротивставените табори се пласираат нови подметнувања. Но овој пат шефот на Белата куќа, Доналд Трамп, упати најсилни критики досега до американското министерство за одбрана, како што пренесува „Геополитика“.
Трамп, на прес-конференцијата што се одржа во понеделникот во Белата куќа, директно изјави дека лидерството во американското министерство за одбрана не сака „ништо друго, освен да води војни“, за да овозможи богатење на корпорациите што се занимаваат со производство на оружја и воена технологија.
– Не велам дека војската ме сака, но знам дека не е така за војниците. Кај шефовите во Пентагон веројатно не сум омилен, затоа што тие не сакаат ништо друго, освен да водат војни за да бидат среќни сите компании што се занимаваат со производство на оружје, авиони и друга опрема – нагласи Трамп во својата изјава.

Притоа тој додаде дека САД под негово водство „се повлекуваат од бесконечните војни“ и исто така го критикуваше својот противкандидат Џо Бајден, велејќи дека тој како поранешен американски потпретседател за време на администрацијата на Обама ја испратил „американската младина да се бори во лудите, бесконечни војни“. Тој ја пофали својата политика бидејќи довела до целосно сузбивање на терористичката организација Исламска држава во Ирак и во Сирија, со тоа што тврдеше дека „100 отсто го уништиле калифатот на ИСИС“, пренесе „Геополитика“.
Иако силните критики на Трамп упатени кон Пентагон можеби за некого се изненадувачки, особено ако неговата политика се разгледа низ призмата на потпишување на досега најпрофитабилните договори за извоз на американско оружје низ светот, за што тој е и најзаслужен во „цврстата“ надворешна политика (заедно и со онаа на НАТО, со инсистирањето за неопходно зголемување на финансиските трошоци во организацијата од страна на европските членки), сепак генерално надворешната политика на Трамп се разликува од целите на Пентагон, а вклучувајќи ги и досегашните цели на Демократската партија, за која самиот тој всушност ја говореше вистината дека станува збор за бесконечни војни, кои се од интерес на големите корпорации.

Меѓутоа Трамп го прави истото тоа со тоа што ја фаворизира моќната американска воена индустрија, но на еден сосема поинаков и, според него (и со право), многу поприфатлив и корисен начин за американските интереси преку повлекувањето на американските војници од војни во вредност од стотици милијарди долари што се водеа во светот во изминатите децении, кои однесоа илјадници американски животи, и тоа за минимални или речиси никакви геополитички придобивки. Покрај овие скапи и крвави американски војни, како американски противници на светскиот геополитички врв се искачија Кина и Русија, без да постапат исто, Иран закрепна, Турција ги зајакна своите геополитички амбиции, а Северна Кореја и понатаму постојано работи на својата нуклеарна програма. Затоа Трамп сака да ги поштеди животите на американските војници, како и средствата од државниот буџет, и да ги распореди војниците од сојузничките земји на САД, а за возврат да им обезбеди, секако по полна цена, најсовремени американски оружја со што ќе се зачувуваат интересите на гореспоменатите американски компании и моќни политички лобија што стојат зад нив (од кои веројатно и самиот тој е дел).

Затоа тие земји, што најдобро може сега да се забележи на Блискиот Исток по однос на заедничката политика против Иран на арапските земји и Израел, мораат да ги обезбедат клучните американски политички интереси, а за возврат Вашингтон, освен оружје, ќе им пружи логистичка и разузнавачка поддршка. Секако, ова е многу логично и добро замислено од страна на Трамп и стратегијата што тој ја предводи, наведува „Геополитика“.
Според „Геополитика“, останува да се види колку планираните американски геополитички цели ќе се остварат во практика без активно учество на американски војници, односно само со туѓо присуство, а подобро кажано со пролевање туѓа крв, но веќе е сигурно дека воената индустрија нема да пропадне и со ваква надворешна политика на Вашингтон.

Трамп има многу добра перспектива, бидејќи сега сите земји ќе почнат да го јакнат својот воен арсенал, сосема свесни дека се оставени сами на себе. САД повеќе немаат намера да пролеваат крв на своите војници за туѓите интереси, освен во случај на екстремно совпаѓање на одредени интереси со одредени земји и кога ништо нема да може да биде препуштено на случајот. Поинаку кажано, САД, како и сите други земји во светот, во иднина ќе влезат во војна само доколку бидат принудени да го сторат тоа од одредени причини. Идеите се јасни, а реализацијата останува да се види, што ќе биде можно само доколку Трамп дојде до нова изборна победа.