Одлуката доаѓа во момент кога администрацијата на Трамп е обвинета за прекршување на човековите права поради раздвојување на децата и родителите-имигранти

Американците обвинија дека станува збор за лицемерна организација што не е вредна на своето име, како и дека е полна со предрасуди и дека ги исмева човековите права. Потегот предизвика лавина критики, а Израел е еден од ретките што ја поздравија „храбрата одлука“ на администрацијата на Трамп

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп реши да ги повлече САД од Советот за човекови права на ОН, а американската амбасадорка во ОН, Ники Хејли, оцени дека тоа е лицемерна организација што не е вредна на своето име, како и дека е полна со предрасуди и дека ги исмева човековите права.
Објавувајќи го повлекувањето во обраќање во Стејт департментот, заедно со државниот секретар на САД, Мајк Помпео, таа рече дека Вашингтон се решил на таков чекор зашто другите земји „немаа храброст“ да ѝ се приклучат на Америка во борбата за реформирање на тоа „лицемерно тело“.
– Со овој потег сакам да биде кристално јасно дека тоа не значи и повлекување од нашите ангажмани за заштита на човековите права – нагласи Хејли.
Ваквата објава предизвика лавина реакции. Шефот на ОН за човекови права, Зеид Раад ал Хусеин, изјави дека е вчудовиден, а одлуката на САД ја оцени како разочарувачка. Тој наведе дека Вашингтон би требало да го засили својот ангажман токму поради зголеменото прекршување на човековите права во светот, а не да се повлекува од Советот на ОН.
Портпаролката на ЕУ, Маја Коцијанчич, соопшти дека 28-члената унија останува „цврсто и верно посветена“ на ова тело на светската организација на ОН, со седиште во Женева, во чиј состав се вкупно 47 земји. Во соопштението на ЕУ се наведува дека САД секогаш биле на браникот на одбраната на човековите права и дека биле силен партнер на европскиот блок во Советот, но дека сега таа улога на Америка е доведена во прашање.

Германскиот претседател Франк Валтер Штајнмаер изјави дека е загрижен зашто односите помеѓу Европа и САД би можеле да претрпат „непоправлива штета“. Тој го повика Вашингтон да не го гледа светот како боксерски ринг, во кој секој се бори против секого, пренесува Ројтерс.
Британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон изјави дека одлуката на САД за повлекување од Советот за човекови права е за жалење и, истовремено, порача дека поддршката на Британија за организацијата на ОН останува цврста.
– Не криеме дека Британија сака да се реформира Советот за човекови права, но посветени сме на работата за јакнење на организацијата однатре – рече тој.
Израел е една од ретките земји што ја поздравија одлуката на САД, а израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на Твитер ѝ честита на администрацијата на Трамп за нивната „храбра одлука против лицемерството и лагите на т.н. Совет за човекови права на ОН“.
ОН го формира Советот во 2006 година, за да ја замени Комисијата на ОН за човекови права, која се соочи со критики дека прима земји што се обвинети за масовно прекршување на човековите права. Група од 47 земји од различни региони во светот служи три годишни мандати во светот. Советот се состанува трипати годишно и ги анализира состојбите со човековите права во сите членки на ОН. САД со години го критикуваа Советот дека, исто како и комисијата, прима земји што ги прекршуваат човековите права и првично одби да се зачлени во 2006 година. САД се зачленија во Советот во 2009 година, за време на мандатот на Барак Обама, а потоа беа реизбрани во 2012 година. Групите за човекови права го критикуваа Советот зашто прима земји како Кина, Русија, Саудиска Арабија или Виетнам, а Израел ја бојкотира организацијата поради „неправични“ истраги за еврејските населби во Западниот Брег, на територија што Палестинците ја сметаат за своја.
Како што посочува Би-би-си, одлуката на САД доаѓа во момент кога и самата администрација на Трамп е обвинета за прекршување на човековите права, особено поради нејзината имиграциска политика на „нула толеранција“, поради која е значајно зголемен бројот на раздвојувања на децата од родителите на границата помеѓу САД и Мексико, како и снимките од деца на имигранти затворени во кафези, кои властите ги нарекуваат засолништа. „Амнести интернешнел“ во почетокот на годината го обвини Трамп дека претставува „закана за човековите права“ и го смести во групата лидери што ги прекршуваат човековите права.
– Лидери како Абдел Фатах ал Сиси (Египет), Родриго Дутерте (Филипини), Николас Мадуро (Венецуела), Си Џинпинг (Кина), Владимир Путин (Русија) и Доналд Трамп (САД) ги прекршуваат човековите права на милиони луѓе – обвини „Амнести интернешнел“.