Со одлуката за повлекување, која ја донесе претседателот Доналд Трамп во 2017 година, САД станаа единствената земја во светот што нема да биде потписничка на договорот, истовремено принудувајќи ја Европската Унија да преземе засилени напори за одржување на договорот во живот

САД и официјално почнаа со процесот за повлекување од Парискиот климатски договор, известувајќи ги Обединетите нации за својата намера да се повлечат. Со известувањето почна едногодишниот процес за напуштање на договорот за борба против климатските промени, што ќе заврши точно еден ден по американските претседателски избори во 2020 година. Американската влада тврди дека договорот наметнува неправеден економски товар врз Американците. Од друга страна, пак, Франција и Јапонија ја предводеа меѓународната осуда на американскиот чекор, пренесува Би-би-си.

Со Парискиот договор, постигнат во 2015 година, САД и 187 други земји се обврзаа на ограничување на порастот на глобални температури под два степена од прединдустриското ниво и да направат обид за понатамошно ограничување на 1,5 степен. Со одлуката за повлекување, која ја донесе претседателот Доналд Трамп во 2017 година, САД станаа единствената земја во светот што нема да биде потписничка на договорот, истовремено принудувајќи ја Европската Унија да преземе засилени напори за одржување на договорот во живот. И покрај тоа, стотици локални влади, бизниси и организации во САД му се приклучија на движењето „Ние сѐ уште сме внатре“, ветувајќи намалување на емисијата на штетни гасови и пренасочување кон обновлива енергија. Климатскиот претставник на ОН и американски бизнисмен Мајкл Блумберг во соопштението на сајтот на движењето порача дека работи на пополнување на празнината што остана по повлекувањето на администрацијата на Трамп, кое го опиша како „избегнување на лидерството“.

Повлекувањето од договорот беше едно од главните изборни ветувања на Трамп, но според правилата на ОН тоа не беше возможно сѐ до 4 ноември 2019 година. Повлекувањето и натаму може да зависи од исходот на претседателските избори во САД, бидејќи ако Трамп загуби, победникот може да ја смени одлуката. Но научниците и еколозите стравуваат од ефектот што администрацијата на Трамп ќе го има врз климатската заштита во меѓувреме. Во извештајот на Институтот за меѓународни и европски работи, издаден во декември 2018 година, се наведува дека одлуката на Трамп направила многу голема и реална штета на Парискиот договор, создавајќи морален и политички изговор и други земји да тргнат по неговите стапки.

Одлуката на САД, еден од најголемиот емитер на штетни гасови, предизвика осуда од еколозите и жалење од светските лидери. Претставник на канцеларијата на францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека американскиот чекор само дополнително ја истакнува неопходноста од француско-кинеско партнерство за климата и биодиверзитетот. Макрон и кинескиот колега Си Џинпинг денес ќе се сретнат и се очекува да потпишат изјава, со која се истакнува неотповикливоста на Парискиот договор. Во меѓувреме, портпаролот на јапонската влада Јошихиде Суга порача дека американското повлекување е разочарувачко. И лидерката на демократите во американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, го опиша потегот на Трамп како катастрофална одлука што ќе има директна штета врз иднината на децата во САД и светот.

Од друга страна, пак, шефот на американската дипломатија Мајк Помпео изјави дека договорот наметна неправеден економски товар врз САД.

– Наместо тоа, САД ќе следат реалистичен и прагматичен модел, користејќи ги сите енергетски ресурси и технологии на чист и ефикасен начин – додаде Помпео.
Трамп претходно во неколку наврати изјави дека Парискиот договор им обезбедува неправедна предност на Кина и на другите големи загадувачи во однос на САД, дозволувајќи им да продолжат со зголемувањето на емисијата на штетни гасови.


Што предвидува договорот од Париз?

Со Парискиот климатскиот договор земјите-потписнички се обврзуваат на ограничување на порастот на глобални температури под два степени од прединдустриското ниво и да направат обид за понатамошно ограничување на 1,5 степен. Потоа, договорот предвидува ограничување на емисијата на јаглерод диоксид од човековите активности на исто ниво што дрвјата, почвата и океаните природно го апсорбираат. Тука е и обврската за проверка на секои пет години на придонесот на секоја земја за намалувањето на емисијата на штетни гасови.