САД повлекле „шпион од највисоките кругови во руската влада“ во 2017 година затоа што американската разузнавачка служба стравувала дека претседателот Доналд Трамп и неговата администрација можеле да ја загрозат неговата безбедност. Одлуката била донесена кратко по состанокот на кој претседателот Трамп неочекувано споделил доверливи американски разузнавачки информации со руски претставници.

„Си-ен-ен“ и „Њујорк тајмс“ пренесоа дека изворот не бил во најтесниот круг на рускиот претседател Путин, но имал постојан пристап до него и дури можел да фотографира документи во неговиот кабинет. Шпионот наводно работел за САД повеќе од една деценија, полека искачувајќи се по ранговите во руската влада.

Според „Њујорк тајмс“, изворот пренел клучни информации до американските разузнавачки агенции во 2016 година, кои донеле заклучок дека Путин лично го организирал руското мешање во американските претседателски избори. Информациите биле толку сериозни што тогашниот директор на ЦИА, Џон Бренан, подготвил специјално запечатени досиеја за претседателот Обама наместо да ги вклучи во стандардниот брифинг за претседателот, како што пренесува „Њујорк тајмс“.

ЦИА, која соопшти дека шпионот бил дел од нејзина операција, одби да даде коментар. Секретарката за односи со јавноста на Белата куќа изјави дека „не само што не бил точен“ извештајот на „Си-ен-ен“, туку и „можел да доведе многу животи во опасност“.

Наводно ЦИА прво сакала да го повлече шпионот кратко по сега неславниот состанок меѓу претседателот Трамп, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и тогашниот руски амбасадор во САД Сергеј Кислијак, на кој се смета дека Трамп споделил доверливи информации за ИСИС во Сирија што можеле да разоткријат американски таен извор. Владини претставници кои присуствувале на состанокот ја сфатиле грешката на претседателот и ги информирале разузнавачите служби.

Не постојат докази дека претседателот Трамп директно го загрозил изворот во Русија, а во извештаите се наведува дека поради шпекулации во медиумите морал да биде повлечен назад.